Кога ќе излезете на прошетка после првиот пролетен дожд, сѐ околу вас е исполнето со тој мирис. Го знаете тој особен мирис. Некои од нас го сакаат, бидејќи мириса на природа, на чиста природа. Други не го сакаат тој мирис толку многу, велејќи дека веројатно покрај тој мирис вдишуваме и други, лоши работи. И сите се во право. Мирисот на дождот е сложена работа, но дали го знаете потеклото на тој мирис?
Мирисот на грчките богови
Старите Грци на тој мирис му дале и конкретно име – петрихор. „Петрос“ значи камен, капра, а ихор е златната крв на боговите. Но, првиот дел од зборот нѐ наведува дека мирисот потекнува од земјата. А не е така, барем не сосема.
Утринска свежина од есенцијални масла
Изворот на тој прекрасен мирис на природата воопшто не доаѓа од камењата. За време на сушните периоди, многу растенија го надоместуваат недостатокот од влага со испуштање на особени органски масла кои ги одржуваат свежи нивните мешунки со семиња.
Но растенијата не можат постојано да бидат покриени со ова. Ако маслата предолго се задржат на нив, го успорува `ртењето на семињата и го спречува нивниот раст. Па така растенијата редовно се ослободуваат од нив – исто како што правиме ние со мртвите кожни клетки.
Камењата соработуваат
Миризливите масла завршуваат на сѐ – но најдобро се зачувуваат во почвата и особено на порозните камења, а дури и современиот бетон ги впива невидливите молекули.
Кога првите пролетни дождови ќе паднат врз земјата и градските плочници, сите овие растителни масла се ослободуваат и креваат во воздухот.
Земјена арома
Но, сега не се само мирисите од растенијата – другиот дел од петрихорот го сочинува уште нешто што е скриено во земјата. Тоа нешто се нарекува геозмин – органско соединение кое го произведуваат бактериите. Ова соединение им дава „земјест“ вкус на некои видови зеленчук, а исто така и карактеристичниот „земјест“ мирис на воздухот после дожд.
Мирисот на ветрот
Но, има и трета состојка во мирисот на дождот. Пред и после дождот го чувствуваме мирисот и на – озонот. Да, точно така. Озонскиот слој е сочинет од молекули на кислород, кои реагираат при електромагнетски празнења.
Нашите природни супер-моќи
Озонската компонента ни овозможува надоаѓањето на бурата. Тоа е една од прекрасните придобивки на нашата еволуција како живи суштества. На тој начин знаеме кога треба да бараме засолниште, но и кога после сушниот период доаѓа спасение.
Природниот алармен систем на планетата
И не сме само ние луѓето коишто благодарение на овие мириси ги насетуваме промените во времето. Другите суштества, а особено рибите на овој начин ги насетуваат менувањата на годишните времиња, врз основа на што се ориентираат во нивните животни циклуси. Природата е навистина неверојатно нешто.