Тамара ДиМатина не се плаши да купува од продавници за половни работи. Таа дури и долната облека си ја купува од таму – но само ако е неносена и ако сѐ уште ги има оригиналните етикети. Оваа жителка на Мелбурн е посветена на тоа да бара сѐ, од облека до технологија, на пазарот за половна роба. И вели дека иако на почетокот тоа било за да заштеди пари, сега е свесна одлука.
„Почнав да купувам половни работи кога живеев во Лондон и работев за отмена аукциска куќа“, вели таа. Бидејќи требало да изгледа отмено за своите клиенти, а не можејќи да си ја дозволи високата цена на скапата облека, таа се свртела кон ваквите продавници. Иако наоѓала евтини, но добри работи, ДиМатина вели дека отпрвин се чувствувала лошо поради тоа што не може да си дозволи нова облека. Но, сега се чувствува лошо ако купува ново. „Сега купувам вака од етички и морални причини“, вели таа.
ДиМатина го сменила начинот на своето потрошување откако била на едукативно патување до Антарктикот во 2010 година каде што научила за одржливоста. Оттогаш таа отпочнала иницијатива „Не купувај ништо ново овој месец“, која се одвива во октомври.
„Живме на планета со ограничени ресурси, па така нема бесконечно снабдување за нашата потрошувачка“, вели таа. „Од морална и етичка гледна точка гледам дека мораме да го смениме начинот на нашето конзимирање. Преголемата потрошувачка не ги прави среќни сите. Колку повеќе материјалисти стануваме, толку сме понесреќни.“
Во домот на ДиМатина сѐ е од втора рака. Каучот го купила на Ибеј, облеката од најразлични продавници, а Ајфонот го купила преку оглас. Во својата гардероба таа има парчиња од Хуго Бос, како и свилени шалови вредни 100 долари, а коишто таа ги купила за 10. Трикот, како што веи таа, е да се смени начинот на кој му приоѓате на купувањето.
„Барајте добар квалитет, дознајте од каква ткаенина е“, советува ДиМатина. „И наместо да излезете со намера да купите определен производ, бидете отворени за купување на квалитетни предмети кои добро ќе ви послужат во иднина. Едно од најважните нешта е да одвоите време да најдете квалитетна продавница во вашиот град. Втората најважна работа е да купувате само тоа што ви е навистина потребно.“
Таа вели дека ика предрасуди во однос на носењето половни работи, но дека не би требало да биде така.
„Престојуваме во луксузен хотел и употребуваме крпи кои ги употребил некој друг пред нас, но поради некоја причина на луѓето им е непријатно да купат половна маица“, вели ДиМатина.