Драги лажни пријатели од моето минато,
Кога пред три години напуштив успешна кариера, вие мислевте дека сум луд. И уште полуд, кога кажав дека сакам да ја негувам мојата страст, да го следам својот сон: пишувањето. Во ред е, нема потреба да се одрекува сега, чувајте си ги за себе вашите извинувања – не ми требаат.
Многу од вас, мои божемни пријатели, ми зборувавте зад грб. Озборувањата се шират од уста на уста, па така и мене една птичка ми кажа за ужасните нешта коишто сте ги зборувале за мене. Сте велеле дека сум глупав, преголем идеалист. Сте озборувале дека сум го изгубил умот. Сум бил идиот, сте велеле, изгубен. За кратко време ќе сум завршел без пари и сам.
Беше вознемирувачко тоа – ми се вртеше во стомакот и срцето ми трепереше – да се слуша сета таа зајадливост. Мислев дека сте различни. Мислев дека ние сме различни. Мислев дека сме пријатели. Вие, мои пријатели на зборови, ми кажавте дека сум невозможен. Кога луѓето би можеле да заработуваат од своите страсти, велевте, тогаш секој би го правел тоа. Сум правел грешка, ужасна одлука. Ќе сум зажалел што се одрекувам од парите, статусот, привидниот успех. Мојот план никогаш немало да успее.
Сега се гледа дека вие сте ги префрлувале на мене своите сопствени стравови, надевајќи се дека нема да успеам за вашата погрешна претстава за успехот да остане недопрена.
Не жалам за промената во мојот начин на живот: Сѐ си испадна добро и уште повеќе од тоа. Мојот живот сега е подобар. Значително подобар. Било да се работи за парите, страста, здравјето, растежот, придонесувањето – мојот живот се промени експоненцијално. Дури и моите пријатели се подобри.
Моите вистински пријатели – иако можеби не целосно ја разбираа мојата одлука во тоа време – ми дадоа поддршка за време на промената. Вистинска поддршка. Ме охрабруваа, ме бодреа, ми нудеа помош кога ми беше потребна. Беше потребна ваква радикална потреба за да ги препознаам моите вистински пријатели – и да ги препознаам тие кои само висеа таму бидејќи имав впечатлива работа и сите тие блескави нешта кои тие ги сакаа.
Без фасадата на голем чек и преголема куќа, си стекнав нови пријатели, чиишто интереси, вредности и верувања се во согласност со моите. Прекрасни луѓе коишто се грижат за мене поради мене, а не за тоа што е испечатено на мојата бизнис картичка.
Па така, збогум лажни пријатели од старите денови: Си одам засекогаш, и никогаш нема да можете да ме стигнете. Пред да си заминам, сепак, би сакал да ви се заблагодарам за тоа што ми одржавте една од најважните животни лекции…
Не можете да ги промените луѓето околу вас, но можете да ги промените луѓето околу вас.