Зажалив што си заминав од Хрватска, тешко е да се напушти земјата во која си пораснал. 33-годишната Марија Катиќ до 2006 година живеела во Карловац, а потоа се отселила во САД, поточно во Кливленд, Охајп. Во својот роден град завршила Средно природонаучно училиште, насока земјоделство. Првин работела во земјоделска аптека, потоа како благајничка во трговски центар. Таму платата ѝ изнесувала 3500 куни (околу 465 евра), но работата ја напуштила отселувајќи се во САД.
– Сега работам во фабрика каде што се произведуваат делови за хидраулика, од камионски до авионски делови. Мојата задача се состои во означување на деловите со броеви и пакување, а по потреба работам и со CNC машини, мислам дека слични работни места има фабриката Алстом во Карловац. Не ми е тешко на работа, само машините се многу бучни додека се во погон. Платата се добива точно и редовно секој петок, значи еднаш седмично, додека во некои фирми платата се дава на секои две седмици. Месечно добивам околу 1400 долари (околу 9500 куни), со тоа што јас работам само по осум часа, од 17 часот до 1 по полноќ, додека други работат и по десет или дванаесет часа и заработуваат повеќе.
За животот во САД Марија вели: – Добро е, луѓето се љубезни, можеме да си дозволиме некои работи кои во Хрватска не можевме, но сѐ е премногу забрзано, многу се работи, се нема време ниту прилика ниту за кафе со пријателите. Најтешко ми беше на почетокот, првите два месеца по пристигнувањето, се расплакав и сакав да се вратам, но момчето ми беше голема потпора, ме храбреше и ме разбираше како ми е, бидејќи и самиот тој минал низ тоа кога во 2001 пристигнал во САД. Со тек на време се навикнуваш на новата средина и на разделеноста од родителите и другите блиски луѓе, но кризи секогаш има.
Зажалив што си заминав од Хрватска, тешко е да се напушти земјата во која си пораснал. Ми недостигаат драгите луѓе и уживањето во дружењето со кафа по разни тераси. Овде во Америка животот е како брз воз од кој не можеш да скокнеш, само се работи и работи, буквално скокаш од пижама во работната облека и потоа пак назад во пижама.
Поучена од своите разни доживувања, Марија порачува: – Тие кои ќе се решат за Америка мораат да знаат дека напуштањето на татковината е тешко и болно, а ниту навикнувањето на новиот начин на живот не е едноставно, ниту брзо, но овде без проблем ќе најдат работа и ако работат многу и квалитетно, ќе бидат добро платени.