Жените тоа веќе го прават со децении, но се чини дека не се единствените кои робуваат на жилетите. Изненадувачки резултати на најново истражување покажуваат дека речиси половина од современите мажи во денешно време си ги бричат влакната на нозете, или во најмала рака ги скратуваат со тример. Имено, списанието Менс Хелт спровело анкета меѓу своите фанови на Фејсбук, откако било забележано дека сѐ повеќе и повеќе мажи кои одат во теретана немаат влакна на нозата, па ги прашале дали тоа е најновиот тренд.
– Резултатите нѐ запрепастија – признаваат уредниците на списанието и откриваат дека дури 33,1 отсто од мажите употребуваат тример да ги скратат влакната, а дури 15,3 отсто изјавиле дека ги бричат нозете и во тоа не гледаат ништо чудно. Едвај нешто повеќе од половина, 51,6 отсто од испитаниците, изјавиле дека никогаш нема ни да ги допрат влакната на своите нозе.
Новинарите ги интересирало што мислат жените за овој тренд, и дознале дека 30 отсто од жените делумно се согласуваат со замислата за скратени влакна на машките нозе, одека речиси четвртина, т.е. 22 отсто од нив изјавиле дека „обожуваат“ мажи со свежо избричени нозе.
Иако некои спортисти ги бричат нозете поради практични причини, сѐ почеста е појавата мажите да ги бричат нозете од естетски причини. Ланецот на козметички клиники СКН исто така потврдува дека овој тренд сѐ повеќе зема замав. Во 2009 година бројот на мажи на возраст од 18 до 25 години кои закажале третман за ласерско отстранување на влакната изнесувал само 781, а веќе во 2013 истото го направиле 1376 мажи, речиси двојно.