Домот во Нотинг Хил во западен Лондон, кој 54-годишниот Ричард Морисеј живее со својата сопруга Хелена е преплавен со деца. Вкупно 9, на возраст од 9 до 26 години. Сопругата на Ричард, 51-годишната Хелена работи за финансискиот гигант Legal & General, а додека Ричард решил да ја напушти неговата работа како финансиски новинар и да се грижи за децата и за куќата. Ирецот исто така е и будистички свештеник.
Ричард и Хелена се запознале на факултет и велат дека не очекувале дека еден ден вака ќе си ги сменат улогите: „Немав очекувања за тоа како би завршиле еден ден, освен тоа дека ќе бидеме среќни.“, вели Ричард. Дали би била толку успешна доколку не се омажила за него? „Нема шанси.“, низ смеа вели Ричард. „Но, сериозно мислам дека нејзиниот успех ќе беше поразличен. Трошам голем дел од моето внимание на Хелена. Јас сум класичен советник. Ја советував уште од почетокот и се надевам дека ја подобрив нејзината самодоверба. Таа талентирана и мотивирана, што не можам истото да го кажам за себе.“, додава Ричард.
Најчестото прашање за Ричард од луѓето секогаш било „Како се грижиш за 9 деца?“. Во моментот само четири деца се „со полно работно време дома“: Клара, 17, Октавија, скоро 15, Сесили 10 и Беа 9 години, сите се во училиште во Западен Лондон. Тео, 12, е во интернат; Фиц, најстариот, има 26 години, се оженил и докторирал во Оксфорд. Исто така во Оксфорд е и Тупи, 19 години, која студира француски и германски, а 18-годишната Мили, учи санскрит. Флоу, 23-годишна пејачка и текстописец, живее во близина со нејзиниот партнер, музичар Бенџамин Клементин и нивното бебе Џулијан.
Ричард објаснува како изгледа еден негов обичен ден: „Хелена станува во 5:15 часот наутро, а јас во 5:45. Децата стануваат во 6.30 часот. Јас готвам јајца и сланина за две од нив, и каша за Хелена и една од девојките. Правам спакувани ручеци за две девојчиња, Хелена заминува околу 7.45 часот и јас ја носам Беа на училиште, а останатите одат со автобус. Имаме табла на која пишува кој што ќе прави тој ден и кој треба да ги земе децата. Хелена се грижи за облеката и фризурата на девојчињата.“
Во вечерните часови Ричард приготвува вечера за неговот семејство и сите заедно вечераат во 18:30, исто така заедно гледаат телевизија и имаат свои омилени „семејни“ емисии. На прашањето зошто толку многу деца, Ричард вели: „Лудост! Ние не го планиравме тоа. Мислевме четири или пет максимум, но децата се прекрасни подароци па си помисливме ‘Па, зошто да престанеме?’.“
Куќата, иако во скап дел од Лондон, е топла и пријателска. Децата делат соби, бидејќи нема доволно за сите да имаат своја соба. Ричард смета дека неговото татковство позитивно влијае врз неговите ќерки, затоа што смета дека тие на овој начин ќе научат да се ценат и ќе имаат поголема самодоверба во животот. Исто така тој посочува дека тоа што секогаш им бил достапен на неговите синови за совет му овозможува да биде добар татко.
Иако некои луѓе го исмеваат неговиот избор, тој себе се смета за „мачо тип“, но не во поглед на оној „кој се удира во градите“, како што вели тој, туку како маж кој се грижи за своето семејство и е спремен да жртвува дел од себе.