Зад вратите на стан во 9-тиот арондисман на Париз се крие богатство кое не било допрено седумдесет години. Среде густиот слој од прав и пајажина, парискиот стан крие мноштво предмети од XIX и ХХ век, вклучително и слика од уметникот Џовани Болдини од 19-тиот век, вредна 2,1 милиони евра. Последната сопственичка на мистериозното богатство го напуштила станот и избегала на југот на Франција кога избувнала Втората светска војна и никогаш повеќе не се вратила во она што денес се нарекува „Парискиот замок на заспаната убавица“.

sl01

Раскошниот париски стан бил еден од последните домови на Мадам Марта де Флоријан, куртизана од Бел епок (фр. Belle Époque – убавата епоха, периодот од крајот на Француско-пруската војна во 1871 до почетокот на Првата светска војна во 1914). Мад де Флоријан очигледно имала карактеристичен вкус за луксузен мебел и љубовници, ако се земе предвид фактот дека имала голем број познати љубовници меѓу кои и Жорж Клемансо (пред да стане 72-от премиер на Франција), Пјер Валдек-Русо (68-от премиер на Франција), Пол Дешанел (11-тиот претседател на Франција), Гастон Думерг (13-тиот претседател на Франција) и италијанскиот уметник Џовани Болдини.

sl02

Мадам де Флоријан умрела во својот стан во 1939 година. Нејзиниот син Анри Божирон, кој ја потпишал посмртницата на мајка си, исто така живеел во станот во времето на нејзината смрт. На крајот, станот бил наследен од Соланж Божирон, ќерката на Анри, која како тинејџерка сакала да стане драматург. Во обид да избега од неизбежната Хитлерова инвазија, внуката на Де Флоријан го напуштила станот и избегала на југот на Франција, па така луксузното живеалиште останало замрзнато во времето оттогаш па досега. Фасцинантно е тоа што Соланж Божирон редовно ги плаќала киријата и трошоците за оваа временска капсула од времето на Убавата Епоха, сѐ до нејзината смрт во јуни 2010 година, на возраст од 91 година.

sl03

По смртта на Соланж Божирон, нејзиното семејство го замолило аукционерот Оливие Шопен-Жанври и неговиот тим да го посетат овој „стан на духови“ во близина на реонот Пигал, познат и како реон на црвените светилки, и Операта Гарние. Кога Шопен-Жанври и неговиот тим ја отклучиле вратата, сфатиле дека ја отвориле вратата на вистинска ризница, практично недопрена уште од Втората светска војна.

sl04

Меѓу многуте слики најдени во апартманот бил и портретот на Марте де Флоријан во прекрасен вечерен фустан од розов муслин. Сликата била насликана од еден од нејзините љубовници, уметникот Џовани Болдини. Портретот никогаш не бил изложуван и објавуван. Била најдена и визит карта со љубовна порака напишана од раката на сликарот, а според една белешка која ја потврдува автентичноста на историјата на сликата, истата била насликана во 1898 година. Сликата била ставена на аукција, со почетна цена од 300 000 евра, но продажната цена набргу се вивнала во височините, при што десет наддавачи ја достигнале последната цена од 2,1 милиони евра.

sl05

Сподели на Facebook
пати видено