Тим египетски археолози неодамна ги откри остатоците од гробница во која има „необична“ надгробна плоча, на источните гробишта на античкиот град Александрија. Новото откритие било откопано на археолошката локација Ал-Абд во Александрија и експертите сугерираат дека тоа е дел од хеленистичките гробишта кои се наоѓаат на морскиот брег на градот.
Министерството за антиквитети вчера го објави откритието, истакнувајќи ги различните видови артефакти откриени на местото. Мустафа Вазири, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети, изјави дека археолошкиот тим открил неколку ламби и садови. „Но најважното откритие е многу ‘необична’ надгробна плоча што некогаш била искористена за да се затвори една гробница на гробиштата.“, изјавил Мустафа.
Вазири објаснил дека надгробната плоча е украсена со сцени и натписи создадени од мешавина од песок и вар на рамна позадина на која е претставена фасадата на антички египетски храм. Сцената ги прикажува скалите што водат до влезот на храмот и два столбови кои го држат покривот на влезот. „Скалилата доведуваат до збир на двојни врати, од кои едната е полуотворена и има крилеста декорација на сонцето.“, објаснува Вазири.
Д-р Ајман Ашмави, раководител на секторот за стари египетски антиквитети, се фокусирал на важноста на овој надгробен споменик бидејќи го вовел методот на лажна врата за да ги измами крадците и да ги одвлече од вистинската врата на гробот. „Идејата на лажни врати беше распространета во Антички Египет“, вели д-р Ашмави за Ахрам Онлајн. Функцијата лажна врата исто така била користена како претпоставен портал помеѓу физичкиот и духовниот свет. Духовите на мртвите би можеле да се вратат во физичкиот свет за да ги прифатат подароците.
Се верува дека надгробната плоча и припаѓа на хеленистичката култура. Со освојувањето на Александар III Македонски на Исток дошло до ширење на македонската и хеленска култура кај тамошните поробени народи. Притоа македонската и хеленската култура вршеле влијание врз културата на месното население, а и тие возвраќале со извесно влијание врз нив. Така дошло до мешање на македонската, грчката и старите источни култури. Новата култура, за разлика од грчката или хеленска култура, која била доминантна, се нарекува хеленистичка култура.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.