Жена од Њујорк го пронајде својот биолошки татко на Фејсбук откако го барала речиси една деценија. 31-годишната Мишел Цен се запозна за прв пат со 57-годишниот Грег Хикс, кој не знаел дека неговата ќерка постои се додека таа не го контактирала преку Фејсбук.
На истиот начин Мишел ја пронашла и својата биолошка мајка во 2009 година, со која и денес остварува контакт.
Мишел е родена во Њујорк во октомври 1986 година, а неколку часа подоцна ја посвоиле, сега, 68-годишната Џоан Цен, логопед и 71-годишниот Џоел Цен, нуклеарен физичар. Мишел вели дека имала прекрасно детство во Оукланд, Калифорнија, но секогаш сонувала да ги запознае своите биолошки родители.
Со помош на мајката која ја посвоила Мишел ја пронашла својата биолошка мајка, 54-годишната, Дајан во 2009 година. Дајан ѝ кажала на Мишел дека не знае кој е нејзиниот биолошки татко и дека ја дала на посвојување затоа што немала доволно средства за да се грижи за новороденче на 23 години.
Мишел се фокусирала да ја запознае Дајан и ја поканила и на нејзината свадба, но никогаш не се откажала од намерата да го пронајде нејзиниот биолошки татко. Таа оставила ДНК на веб сајт за „семејни дрвја“, но во почетокот пронашла совпаѓања само со далечни роднини.
Дури во април оваа година таа открила совпаѓање со нејзиниот прв братучед, од страната на нејзиниот татко. Со помош на Фејсбук Мишел го пронашла Грег Хикс, бизнисмен, за кој таа сметала дека е нејзиниот биолошки татко.
Откако ги споиле точките Грег сфатил дека Мишел е неговата ќерка преку тест за татковство и се состанале на аеродромот во округот Оринџ во Калифорнија. Кога подобро размислил на Грег му текнало дека тој и Дајан работеле за компанија која одржала промотивен настан за време на Супер Боул во Филаделфија во 1986 година.
Грег има и син, по име Остин кој има 23 години. Сега Грег и Мишел се во постојан контакт и Мишел заедно со сопругот е поканета на дипломската на нејзиниот полу-брат.