Во едно село во Италија секој десетти жител доживува сто години и тајната за нивната долговечност се состои во ништо друго освен јадење здрава храна. Научниците последните шест месеци ги минале истражувајќи зошто жителите на селото Ачароли, кое се наоѓа на 145 километри јужно од Неапол, живеат толку долго. Експертите ја истакнуваат нивната здрава исхрана и додаваат дека дури и постарите жители се сѐ уште сексуално активни, и тоа во голема мера. Како резултат на сето тоа, луѓето развиле силен имунитет против срцеви болести, деменција и други состојби поврзани со возраста во останатиот дел од западниот свет. Според официјалните статистики, 81 човек во селото надминале еден век живот. Стогодишниот Антонио Васало долговечноста и доброто зравје ги припишува на медитеранската храна заснована на маслиново масло, зеленчук, риба и свежо овошје.
„Ние јадеме само здрава храна“, вели тој. Неговата жена, 93-годишната Амина, додава: „Јадеме многу риба, свежи производи кои сами си ги одгледуваме. Си имаме свои зајци, свои кокошки. Само локални производи. И маслиново масло: конзумираме тоа што произведуваме.“
Ачароли е дел од крајбрежниот регион Силенто, во голем дел неиндустриска зона со извонредна природна убавина, кој сега има статус на заштитен национален парк. Алан С. Мејсел, кардиолог од Сан Диего, САД, кој го предводи проектот, вели дека објаснението за долговечноста можеби лежи во збир од повеќе чинители, меѓу кои честата конзумација на розмарин и активниот начин на живот, наметнат од стрмните улици на селото.
„Дали има нешто во нивните гени кое во комбинација со нешто што прават ги прави подолговечни и поздрави?“, се прашува Мејсел. „Тие јадат рузмарин скоро секој ден, и сами го одгледуваат – можеби тоа придонесува на некој начин. Знаеме дека рузмаринот ја подобрува мозочната функција. Исто така, тие се сите физичи активни. Било да се работи за рибарење, шетање или градинарство, сите секој ден прават нешто.“
Во студијата се опфатени 80 постари луѓе, меѓу кои 25 стогодишници.