Владимир Путин се подготвува да го употреби неговото најново оружје во борбата против тероризмот: армија од киборг стаорци. Руските научници се надеваат да ги искомбинираат стаорците и нивното неверојатно сетило за мирис со најновата технологија, овозможувајќи им да намирисаат експлозиви или наркотични средства на места кои за сите други се несовладливи, но не и за малите суштества.
Доколку бидат успешни, глодарите ќе можат да ги предупредат своите ракуватели за опасниот или незаконскиот материјал, пред тие самите да имаат можност и да го забележат. Но има само еден проблем: за соодветно да се истренира стаорец, потребни се три месеци, а стаорците живеат само една година.
Ова значи дека научниците ќе мора постојано да наоѓаат цели баталјони стаорци за да ги снабдат безбедносните сили со овој нов вид на антитерористички оперативци. Но, научниците од Ростов-он-Дон, во близина на границата со Украина, не се обесхрабруваат и со полна пареа работат на проектот „Нова генерација на војување“. Во моментот на проектот во лабораторијата за невротехнологии за перцепција и препознавање при Јужниот федерален универзитет работат три тима, кои се надеваат да успеат да ги впрегнат невроните на стаорците, кои што на глодарите им даваат многу подобро сетило за мирис од вештачките уреди, па дури и од кучињата.
Нивната големина им овозможува уште поголема предност – а дури би можеле да бидат употребени и за наоѓање на преживеани во катастрофи. Д-р Дмитри Медведев, којшто го предводи тимот, изјави: „За разлика од кучињата, стаорецот може да се провлече и низ најмалата пукнатина кадешто на прв поглед се чини дека не би можел да мине. Така тој би можел да изнајде пат длабоко под урнатините и според неговата мозочна активност луѓето би можеле да дознаат дали под урнатините има луѓе коишто се сѐ уште живи, дали вреди да се расчистуваат урнатините на тоа место или на друго, со цел побрзо да се спасат луѓе.“
За таа цел на главата на стаорците ќе се монтира микрочип кој ќе ги регистрира психолошките реакции на стаорецот уште пред тој самиот да реагира на дразбите. За да се овозможи ова, програмерите создаваат математички алгоритми за да ги проучуваат и разберат резултатите. Овие алгоритми ќе им овозможат на научиците да собираат податоци и статистика за мозочните реакции на стаорците на разни мирисни дразби. Но пред да го сторат тоа, психолозите ќе треба да ги истренираат животните да идентификуваат експлозиви и наркотици – тешка задача која што мора да се спроведе за краток период на време.
„За да се научи животното да реагира на една супстанција се потребни два до три месеци, а животниот век на лабораториските стаорци трае само околу една година“, признава д-р Медведев, додавајќи: „Не можеме да употребуваме премлади стаорци, а постарите веќе го загубиле своето чувство за мирис.“
Но, во други краишта на светот веќе е постигнат извесен успех со овие животни. Имено, африканскиот хрчак бил употребен во Ангола, Танзанија, Мозамбик, Камбоџа и Тајланд за наоѓање на нагазни мини. Колумбија употребува лабораториски стаорци за истата намена, додека Израел исто така користи стаорци за проверка на багажот на аеродромите.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.