За фановите повторното собирање на Ганс ен Роузес, легендарната хард рок група од деведесеттите, беше спектакуларен и долгоочекуван настан: Аксл Роуз, Слеш и Даф заедно на сцената за првпат по дваесет и три години. Првин се случиле две свирки за загревање, а потоа и настапот на фестивалот Коачела.
Во јавноста излезе целата приказна за тоа како ѝ беше ставен крај на една од најдолгите кавги во историјата на рокенролот. Марк Кантер, најдобриот другар на Слеш, открива дека басистот Даф Меккејген е тој кој успеал да ги смири долго скараните Слеш и Аксл, и тоа откако во 2014 година Слеш се развел од неговата жена Перла Ферар, по тринаесет години брак.
Ферар управувала со кариерата на Слеш и имала извршителни функции во сите негови компании. На Аксл не му се допаѓала нејзината желба да контролира и тоа било клучната пречка бендот пак да се собере, после толку долго време.
„На Аксл не му се допаѓаше Перла и начинот на кој таа сакаше да контролира сѐ“, вели 51-годишниот Кантер. Разводот му отворил пат на Меккејген да овозможи склучувње мир.Во текот на изминатите години Даф бил единствениот човек кој можел да посредува помеѓу Аксл и Слеш, бидејќи одржувал добри односи и со двајцата. Притоа, тој често олеснувал и бизнис зделки.
„Аксл пред неколку години издаде ДВД во живо, и за тоа му требаше дозвола од Слеш, бидејќи се работеше за старите песни“, се присетува Кантер. „Да не беше Даф, Слеш никогаш немаше да потпише за Аксл, ниту пак Аксл за Слеш. Даф некако успеа да го убеди Слеш да потпише, а набргу потоа го убеди и Аксл да потпише за Слеш за неговото ДВД `Во живо во Рокси`. Тоа беше знак на некаков вид на примирје. Така старото партнерство повторно функционираше и покрај тоа што тие сѐ уште не зборуваа помеѓу себе.“
Со години повторното собирање на Ганс ен Роузес се чинеше како нешто што е невозможно да се случи. „Еден од нас ќе умре, пред да се случи такво нешто“, изјави Аксл во 2009 година. Петнаесет години тој одеше на турнеи како единствениот оригинален член на групата, издавајќи само еден албум во 2008 година, наречен „Кинеска демократија“.
По нивниот настап на Коачела, групата ќе тргне на турнеја низ Северна Америка наречена „Не во овој живот“. Се навестува и биографски филм, кој ќе го режира Џејмс Франко.