Сашо Илиевски од Куманово има интересна приказна за раскажување. Тој во текот на неговото студирање одлучил да замине на „привремена“ работа во Дубаи и тука се менува правецот на неговиот живот. Таму останал 18 месеци, а потоа работел на бродска компанија 5 години. Сега тој живее и работи во Јужно Африканската Република и е среќно оженет со Хејли Илиевска, родена Џексон. Сашо и неговата сопруга сега живеат во планински дел на Јужна Африка, Дракенсберг Планини, на 400 километри од Јоханесбург. Илиевски има сопствен бизнис. Тој произведува високо-квлитетно сирење, има своја регистрирана фирма и продавница за сирење, Macedonia Cheese. Невообичаената локација за живот и животната приказна на Сашо, не натера да дознаеме повеќе за него и неговиот нов дом.
МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?
Првин ја запознав сопругата , а потоа се обидов да ја убедам да живееме во Македонија. Успеавме едно месец- два и да ја скратам приказната, сега сме тука. Сепак поповолни се условите за живот, економски се посилни и тоа е главната причина за заминување од Македонија.
МОТИКА: Опишете ја Јужно Африканската Република. Колку се трошоците за живот?
Јужна Африка е огромна држава, 25 во светот 1.2 мил км2, , преку 50 милиони жители од кои со многу различни културни наследства. Доминантно население е црнечкото, а од луѓето со европско потекло воглавно се од Англија и Холандија. Ја викаат виножито нација. Постои мешавина на јазици но Англискиот е најкористен. Земјата историски котирала за една од поразвиените, меѓутоа денеска ја тресат многу скандали поврзани со корупција и криминалот можеби е на највисоко ниво во светот. Тука посебно по градовите, скоро и да нема куќа која што не е оградена со високи ѕидени огради, па некои дури и под висок напон. Поглавни градови се Кејп Таун на запад, Дурбан на исток и Јоханесбург и Преторија. Трошоците за живот се многу различни од тоа каде си. Јас живеам во најголемиот планински систем во Јужна Африка, Дракенсберг планини во близина на Лесото и тука е рурална средина и трошоците за живот се пониски. Кирија за куќа се движи од 150 евра за месец за кружна традиционална африканска куќа со сламен кров до 400 евра за куќа со 3 спални. За јадење, ќе ви требаат околу 200-300€ без разлика каде сте. Јужна Африка е земја на контрасти каде има супер богати и многу сиромашни.
МОТИКА: Споредба колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.
Отприлика храната е три пати поскапа, со исклучоци и во двете насоки. Леб 60 денари, компири 50 денари за килограм, месо телешко свежо 500 денари за кило, зејтин 80 денари, јаболка 50 денари за килограм, грав никој не јаде и се продава во конзерва само. Пиперки како за ајвар се недостапни, има нешто налик на нив, но многу се скапи, кафе турско не се продава инаку 100 грама за 100 денари крупно мелено.
МОТИКА: Раскажете ни за некој успех што сте го постигнале во таа држава.
Релативно сум кратко тука, претпоставувам тоа што имам свој сопствен успешен бизнис за само 4 години. Исто така навикнав да возам по левата страна и тоа е успех сам за себе.
МОТИКА: Опишете го Вашиот бизнис.
Мојот бизнис е едноставен, купувам свежо кравјо млеко и правам сирење. Бидејќи сме на планинско место кај што доаѓаат многу туристи ,му лежи местото за тоа. Правам македонско бело сирење плус неколку холандски типови. Почнав како експеримент во кујна, кој што сега прерасна во одделна работилница за производство на сирење. Има многу интерес и на почетокот работев по 14 часа за да ја задоволам побарувачката. Сега имам 5 вработени и своја продавница за сирење. Инаку го шириме нашето име, продавницата ми се вика Macedonia Cheese, а многу луѓе не знаат каде сме како држава во светот. Не мешаат со Среден исток, Барселонија?!, Словакија и Русија.
МОТИКА: Како ви започнува денот?
Па работам скоро секој ден, или правам сирење или продавам, кога не работам многу сакам да сум дома и ништо да не правам, ретко се случува, особено наутро.
МОТИКА: Како го трошите слободното време?
Многу од тоа немам, воглавно со сопругата ќе отидеме на некое излетничко место, може ке отидеме дури и до Дурбан да се прошетаме на плажа. Често слободното време го искористуваме да одиме по намирници. Имено најблискиот поснабден супермаркет е на 22 км од кај што живеам, па сè мора да се планира навреме.
МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?
Има многу излетнички места наоколу со добро уредени пешачки патеки и прекрасни природни знаменитости. Може да се видат спектакуларни водопади и планински врвови. Исто така има и локална пивница, со домашно пиво и паб, неколку кафеа што работат денски.
МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?
Тука нема ноќен живот , ретко ќе се случи некаков настан кој што оди навечер. Во близина има основно музичко училиште за хорско пеење и неодамна гостуваше слично такво училиште од Словенија и се одржа концерт по тој повод. Во класична смисла излегување навечер единствено во паб, ги има неколку. Програмата во пабовите е пиење и средба со староседелците. Има таму секаква багра.
МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во таа земја?
Соседи немам, тука сè е далаку па дури и соседите. Куќите што се до нас се издаваат за луѓе што ќе дојдат на одмор тука и освен неколку главни периоди на пример за Велигден, Божиќ, преку целата година се воглавно празни. Што се однесува до пријатели, па би рекол имам познаници. Од нив никој не знае што е лига на шампиони, а јас пак уште не можам да ги научам правила за рагби, а голфот ми е досаден за гледање. Се дружам со преработувачот на кожа, млекарот, локалниот планинскиот водич, а во последно време и пиварот.
МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?
Па би рекол да, во мојот случај работејки во мојата продавница среќавам многу луѓе кои што ме прашале од каде сум, бидејки ќе ме познаат по говор и искрено им е мило што сум тука. Мислат дека знаењето и технологијата ја имам донесено од Македонија во нивната земја. Тука се навикната на странци, интересно е што луѓето се малку вчудоневидени зошто некој од Европа би се преселил тука. Сите мислат дека од тука полошо нема.
МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?
Овие од Зулу , ставаат некаква белкаста глина на фацата за да не ги пече сонце, изгледаат страшно покрај патот. Исто кога ке се жени машко во зулу култура, потребно е да ја плати невестата со 12 крави, обичај кој што се вика лабола и тоа не на шега, туку и до ден денес сериозна работа. Тие што се од град плаќаат во износ од 12 крави. Исто така поради невработеност луѓето се инвентивни, па на пример на бесплатен паркинг стојат самоволно луѓе, во соодведна униформа, кои што наводно Ви ја чуваат колата и очекуваат да ги платиш за тоа. А кога ќе ви дојдат гости е лесно затоа што си носат што пијат и ако не го испијат си го враќаат назад. Кога правите скара со пријатели секој си носи свое јадење. Практично е тука.
МОТИКА: Што од културата во таа земја најмногу ви се допаѓа?
Луѓето се зезаат, може некој нема леб да јаде, ама не кука.
МОТИКА: Која е најдолемата разлика помеѓу Македонија и Јужно Африканската Република?
Времето кај што сум е или непријатно топло или неугодно студено. Исто е небезбедно да одиш пешки за дневни потреби. Прво од што е далеку сè, друго што најверојатно ќе те ограби некој.
МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?
Има, неколку ме имаат посетено од Јоханесбург, сè некои бизнисмени, опасни сме ние надвор од родната ни земја.
МОТИКА: Што ви недостасува од кај нас?
Татко ми, мајка ми, браќата, неколку добри пријатели , пријатната топлина на летото, убавината на пролетта и есента. Зеленчукот и овошјето кои се неспоредливо повкусни во Македонија.
МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што ви се случило таму?
Слободата да правиш што сакаш.
МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?
Да, ако се создадат услови би се вратил уште веднаш, а инаку планирам секој ден.
Блиц прашања | |
---|---|
Колку чини 1 леб? | 60 денари, се продава веќе исечен на кришки и е невкусен, со многу додатоци, омекнувачи, засилувачи. Вистински леб прекку 100 денари само на одредени места. |
Колку чини 1 кафе? | 60 денари. |
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? | Пиво во продавница 330мл 40 денари, во паб 100 денари |
Место што мора да се посети? | Macedonia Cheese Shop, за одлично сирење, во Дурбан на плажа, Дракенсберг Планини, Кругер националниот парк., Кејп Таун за малку поевропско искуство. |
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? | Билтонг, тоа е сушено месо на вентилатор и многу зачини, традиционачно тука. Би рекол ок е. Милк-Тарт, одличен десерт. Роибос чај, раснет во Јужна Африка. |
Најпопуларен сувенир? | Претпоставувам слика со некои од животните во природните резервати. Особено интересно за туристи од страна, така наречените големите 5, (Лав, Носорог, Слон, Леопард и Нилски коњ). Во последно време се води голема кампања против див лов на носорогот кој што е загрозен. |
Најпознат граѓанин? | Нелсон Мандела |
Најкористен збор/фраза? | Мај бој |
За која тема луѓето најмногу зборуваат? | Расизам, вооружени кражби што се случиле скоро, корупција на владата, како да се емигрира во Австралија. |
Најчесто име и презиме? | Имиња:Снегугулу, Јохан, Џон, Замбиле. Презимиња: Тандеки, Џексон, ДеКок, Твала |
Пријавете се за интервју:
[contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]