Суд во САД донел одлука на ученик од Калифорнија да му се исплати отштета во вредност од 1,3 милиони долари, бидејќи бил присилен да изврши мала нужда во сад поради тоа што неговата професорка не го пуштила да оди во тоалет. Судот во Калифорнија ја донел оваа одлука во врска со тужба од 2012 година, кога на 14-годишен ученик не му било дозволено да излезе од час.
Покрај тоа, судот донел одлука на ученикот да му се исплатат и 41 000 долари за лечење поради нанесена душевна болка. Во текот на истрагата било установено дека ученикот Патрик Хенри, кој денес има 19 години, во 2012 година во текот на часот побарал од професорката Гонџа Вулф да го пушти во тоалет. На „совет“ на професорката, ученикот зел некаков сад и во него извршил нужда, поради што бил предмет на исмејување меѓу учениците во одделението. Неговиот адвокат Брајан Воткинс тврди дека неговиот клиент два пати бил приморан да го промени училиштето, но и покрај тоа бил под голем стрес и одел на терапии.