Турскиот суд наредил експерти да го анализираат Голум од „Господар на прстените“ за време на судскиот процес против човек обвинет за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Билгин Чифчи е обвинет поради тоа што на интернет споделил слики во кои во различни ситуации и со различни изрази се споредува претседателот со познатиот филмски хобит.

Судијата побарал од група експерти да го проучат филмскиот лик и да му ги соопштат резултатите, бидејќи како што признал, тој самиот не ја гледал целата трилогија, па не би можел самиот да пресуди. Во експертскиот состав влегуваат двајца академици, двајца бихејвиористички научници и еден филмски експерт, известува весникот Тудејс Заман.

er01

Голум, кој е познат по својата гротескна појава, за прв пат се појавува во „Хобитот“, а подоцна и во трилогијата „Господар на прстените“, кадешто во мислите постојано му се врти неговата желба да се здобие со волшебниот моќен прстен. Чифчи ги одрекол обвинувањата, коишто можат да му донесат затворска казна, велејќи дека Голум не е лош лик и дека тој никого не сакал да навреди. Случајот бил закажан за февруари идната година.

er02

Откако стана претседател минатата година, во турската и светската јавност постои загриженост поради неговите растечки авторитарни тендеции и ограничувањето на слободата на говор. Случајот со двајцата новинари – и двајцата значајни личности на турската медиумска сцена – кои минатата недела беа уапсени поради „шпионирање“ исто така ја засили загриженоста за слобода на печатот. Турскиот суд завчера ја отфрли жалбата на двајцата уредници и покрај тоа што беше иницирана голема петиција за нивно ослободување.

Сподели на Facebook
пати видено