Во тек е сезоната на Божиќните празници во христијанскиот свет. Вчера Божиќ го прославија верниците кои слават според Грегоријанскиот календар, а за неполни две седмици ќе се слави и според Јулијанскиот календар. Ова, заедно со Новогодишните празници, се денови кога сите по малку ја зголемуваме телесната тежина. Едноставно е тешко да се одолее на сите вкусотии кои се приготвуваат во текот на празниците, каков што е случајот со овие деликатеси од целиот свет.
Дански палачинки „Еблскивер“
Традиционалните дански палачинки се нешто помеѓу палачинки и крофни, и се сервираат за време на Божиќните празници.
Албанска пита од тиква и ореви
Во соседна Албанија за Божиќните празници се приготвува богата пита од тикви и ореви, која се сервира со чаша млеко.
Чешка рибја чорба (Vánoční Rybí Polévka)
Во Чешка за Божиќните празници традиционално се сервира рибја чорба подготвена од школки, бакалар, ракчиња, јастог, компири и павлака.
Германски колачи „Штолен“
Германските штолен колачи, наречени уште и Christstollen или Weihnachtsstollen, се во вид на лепчиња, наполнети со карамелизирано овошје и марципан, а потоа богато прелиени со шеќерен прелив.
Унгарска сарма (töltött káposzta – полнета зелка)
Во Унгарија традиционално се јаде сарма, јадење на кое во балканските земји не му треба претставување.
Британска Божиќна пита
Во Британија за Божиќ традиционално се сервира mince pie, мали пити полнети со мелено месо и зашеќерени овошја. Рецептот за овој деликатес во Британија го донеле крстоносците во 13. век.
Шведска маса
Во скандинавските земји за Божиќ традиционално се поставува т.н. шведска маса со кобасици, ќофтиња, салати, чадена риба, леб и разни видови сирења.
Панетоне, Италија
Панетоне е традиционална Божиќна пирошка која првпат била приготвена во Милано, за подоцна да се рашири и надвор од границите на Италија, во Англија, Австралија и Јужна Америка.
Новозеландка торта „Павлова“
Во Австралија и Нов Зеланд Божиќ се паѓа среде лето, така што за Божиќ јадат торта со најразлични видови на свежо овошје.
Боршч и Ушка, Полска
Во источна Европа за Божиќ традиционално се јаде боршч, супа од говедско или свинско месо, домати и цвекло, заедно со ушка (мали уши) мали пирошки полнети со печурки и мелено месо.
Турон, Шпанија
Турон е нугат кој вообичаено се приготвува од мед, белки од јајце и ореви. Овој деликатес кој потекнува од Шпанија се среќава во повеќе земји од шпанското говорно подрачје.
Рисаламанде, Данска
Традиционален пудинг од ориз со ванила и бадеми, прелиен со сок од цреша.