Ова е драматичниот миг кога Мухамед Али спречил човек да скокне од прозорец на деветтиот кат во зграда во Лос Анџелес во 1981 година. Али слушнал дека човекот седел на работ и се подготвувал да скокне, па така побрзал кон местото, возејќи во погрешен правец и сигнализирајќи со светлата, брзајќи да стигне на време.
Боксерот шампион ги игнорирал луѓето кои го извикувале неговото име додека тој се стрчал кон скалите, за потоа да биде забележан како ја протнува главата преку прозорот, обидувајќи се да го убеди човекот дека вреди да си го живее животот. Се наведнал преку прозорот, велејќи му: „Ти си ми брат. Те сакам и тебе не би те лажел. Мора да ме слушаш. Сакам да дојдеш дома кај мене, да се запознаеш со некои мои пријатели.“
За време на овие дваесет минути, дваесет и едногодишниот маж од Мичиген му кажувал на Али дека никој не го сака. „Зошто ти би се грижел за мене? Јас сум никој и ништо“, му кажал човекот на трикратниот светски шампион во тешка категорија.
„Му кажав дека тој не е никој и ништо. Ме виде како плачам и не му се веруваше дека навистина го правам тоа, дека толку многу ми значеше.“
Али му кажал на човекот: „Ако скокнеш, ќе одиш во пеколот бидејќи нема покајување за тоа.“ Откако успеал да го разубеди, Али го одвел во полициска станица во својот ролс-ројс и пошол со него во психијатриска болница. „Ќе му помогнам да заврши училиште и да најде работа, и ќе му купам облека“, рекол Али. Ќе појдам кај него дома да се запознам со неговите татко и мајка. Му кажале дека е никој и ништо, па така ќе појдам кај него дома. Ќе одам по улицата со него, и тие ќе видат дека тој е голем човек. Секој ден ќе го посетувам во болница. Му кажав дека ќе останам крај него.“
Али во петок почина во болница во Феникс, Аризона, неколку дена откако таму бил одведен поради потешкотии со дишењето.