Алехандра Хуарез веќе 18 години живеела во Флорида, САД и е омажена за поранешен маринец, воен ветеран во Ирак, со кој има две ќерки, 16-годишната Памела и 8-годишната Естела.
Нејзините ќерки и сопругот се државјани на САД, но Алехандра пред 18 години нелегално ја преминала границата и вчера била депортирана назад во Мексико.
Девет членови на Конгресот, исто така, му пишале на Доналд Трамп, молејќи го да интервенира во име на Хуарез, но нивните обиди биле неуспешни. На аеродромот ја испратиле нејзините ќерки и сопругот, кои не можат да ги сокријат солзите од лицето.
„Моите ќерки ми значат сѐ на мене. Тие се причината да продолжам секој ден и да се борам за да останам тука … Нивниот живот е тука и мојот живот е тука со нив.“, изјавила Алехандра. Таа планира да ја земе најмалата ќерка во Мексико со неа, тешка одлука за семејството, бидејќи ги разделува двете ќерки кои се многу блиски.
Хуарез имала 16 години кога ја преминала границата, бегајќи од насилство во нејзината заедница во тоа време. Таа всушност повеќе време живее во САД отколку во нејзината родна земја. За време на сообраќајна контрола во 2013 година, таа била обележана поради нелегално влегување во земјата и започнала со редовни контролирани проверки со службениците од Имиграцијата и царината.
Под администрацијата на Обама и бидејќи има сопруг кој е воено лице и кој го почитува законот ѝ било кажано дека таа не е приоритет за постапките за депортација. Но, поради политика на нулта толеранција на претседателот Трамп морала да биде депортирана.