Отворајќи ја вратата, Џонатан Гриндон се загледува по целата соба, исполнета со плишани мечиња, збирка романи на Роалд Дал, кревет и постер на фудбалскиот клуб Челзи. Влакнестата мачка играчка која испушта звук на мјаукање кога Џонатан случајно ја соборува од полицата поткачувајќи ја со лактот го изненадува и тој веднаш ја губи својата присебност, покажувајќи ја својата неизмерна тага. Цели пет години оваа соба во петсобната куќа на Џонатан во Сари, Велика Британија, била собата на детето Тимоти – дете за кое тој верувал дека е неговиот толку многу сакан биолошки син, за на крај да дознае дека бил сурово и бездушно излажан од неговата сега веќе бивша жена. Џонатан, кој е универзитетски професор, бил толку гневен и вознемирен кога ја дознал вистината минатата година, што ја дал на суд, по што судијата наредил таа да му плати 40 000 фунти како надомест за стресот, понижувањето и издржувањето кое тој го платил.

tatotazen

Но, ова било горка победа, бидејќи Џонатан го изгубил секое право на својот син, бидејќи неговата бивша сопруга издејствувала забрана тој да се гледа со детето.

„Не постои големо измачување од тоа детето кое сте го израснале и со кое сте основале силна врска, целосно верувајќи дека ви е родено дете, одеднаш да биде истргнато од вашиот живот“, вели Џонатан, стискајќи ја играчката на своите гради.

„Јас бев првата личност која му прозборе при неговото доаѓање на овој свет, бидејќи мојата бивша сопруга се породи со царски рез под општа анестезија. Тој беше најпрекрасното, ситничко, совршено мало топче. Тоа беше љубов на прв поглед. Но, кога дознав дека веќе немам право да бидам во животот на тоа дете кое мислев дека е мое, бидејќи сето тоа беше една мрежа од лаги, тоа беше како да ми го искорнаа срцето.

Сега единствено се надевам дека, сеќавајќи се на сите наши среќни заеднички мигови, тој ќе сака да ја возобнови нашата врска кога ќе стане возрасен и ќе може самиот да одлучува“, вели Џонатан.

Целата сага започнала во 2005 година, кога Џонатан, кој тогаш бил во неговите рани педесетти години, и неговата тогашна сопруга Анет се согласиле дека по две години брак сакаат да имаат дете. Но, таа тогаш имала 43 години и тестовите покажале дека нејзините јајце клетки не се во најдобра состојба. Единствената нивна надеж била во вештачко оплодување со јајце-клетка од донатор.

За нештата да бидат уште покомплицирани, Џонатан направил вазектомија, па поради тоа неговата сперма морала да биде извлечена директно од неговите тестиси и да биде вбризгана во донираната јајце-клетка. Така, тие се нашле во една клиника за оплодување во Шпанија, со јајце-клетки од локална жена, а целата процедура чинела над 8000 евра.

Според Џонатан, нивниот брак веќе бил под тензија, бидејќи неговата амбициозна жена долги часови посветувала на својата бизнис кариера, па така тој предложил да се видат со советник за врски пред да решат да имаат дете заедно. Неговата жена издржала четири сесии пред да се откаже, по што тој самиот продолжил да оди на терапија. Во меѓувреме, тие се согласиле да се обидат да имаат бебе.

Со оглед на тоа што веќе оставил сперма во претходната посета на Шпанија, неговото присуство не било неопходно на следните термини во јануари 2005 кога требало да бидат оплодени донираните јајце-клетки, и потоа пренесени во матката на неговата сопруга. Анет кажала дека сака сама да патува во Шпанија. Но, не била сама. Од само нејзе познати причини, таа решила со себе да го поведе својот бивш љубовник и во последен миг се решила да ја употреби неговата сперма за оплодување на јајце клетките, а не спермата на Џонатан.

Воопшто несвесен за измамата, Џонатан бил обземен со среќа кога Анет му кажала дека е бремена, па така нивниот син се родил во октомври. Тој се сеќава на чувството на гордост кога сите, вклучително и неговата родена мајка, му велеле колку многу Тимоти личи на него.

Но, среќата не траела долго. Пукнатините во нивниот веќе напукнат брак почнале да се шират уште повеќе, па така тие успеале да останат под ист покрив само во текот на следните осумнаесет месеци, и тоа само заради нивниот син. Токму за време на едно од постојаните патувања на Анет во странство Џонатан решил дека му е доста од сѐ.

„Ми се јави дома, и додека стоев така со бебето во едната рака и телефонот во другата, таа ми се дереше и врескаше, велејќи дека заборавила нешто многу важно и бараше од мене да проверам во нејзината канцеларија да видам дали е таму“, се присетува Џонатан. „И тоа беше последната капка. Имаше толку многу непријателство меѓу нас. Навраќајќи се наназад, сега мислам дека тоа се должи на стресот под кој била криеји ја таа огромна тајна од мене. Кога се врати дома, ѝ кажав дека си одам. Таа не се обиде да ме разубеди. Всушност, изгледаше како да ѝ олесна. Се согласивме нашиот син делумно да престојува кај мене, делумно кај неа.“

sn02

Така, жената се иселила заедно со детето кога тоа имало осумнаесет месеци. Џонатан, како добар и одговорен татко, се согласил да плаќа 10 000 фунти годишно за издржување на Тимоти и продолжил редовно да се гледа со својот син. Анет не ни помислувала да му ја каже вистината и тие продолжиле да се однесуваат и да функционираат како и секоја разведена двојка со дете.

Но, со текот на времето, Анет почнала да поставува сѐ повеќе пречки во поглед на средбите меѓу Џонатан и детето, па така тој морал да побара судска помош. И тогаш, во 2011 година се изненадил кога му се јавила Анет.

„Имам нешто да ти кажам“, му кажала таа. „Мислам дека Тимоти не е твој син“.

„Јас ја прашав – а што жити сѐ би те навело на таква една помисла? На крајот на краиштата, тоа беше вештачко оплодување, не обично зачнување. Немаше никаква причина моето татковство да биде ставено под сомнеж“, вели Џонатан. „И тогаш таа ја кажа вистината за тоа што направила.“

Нејзината исповед го поразила. Растреперен и збунет, тој со денови одел наоколу обидувајќи се да го прифати тоа. Зошто би сторила такво нешто? А ако не го сторила, зошто би измислила таква сурова лага?

И тогаш се надевал до последно и инсистирал на детето да му се направи ДНК тест. Три месеци пред шестогодишниот роденден на Тимоти, Џонатан го добил следниот имејл од Анет:

„Жалам, но резултатот не е како што ти се надеваше“.

„Го читав повторно и повторно“, се присетува Џонатан, видно потресен, „очајно надевајќи се дека е некаква грешка. И кога конечно сфатив што ме снашло, почувствував таква мачнина, како некој истовремено да ме треснал по глава, и да ме удрил во стомакот.“

Подоцна од клиниката за оплодување во Шпанија дознал дека неговиот прв примерок на сперма содржел недоволно сперматозоиди и дека очекувале втор примерок. И тогаш Анет го сторила тоа што го сторила.

Сподели на Facebook
пати видено