Кина е најголемиот конзуматор и произведувач на тутун во светот. Во Кина денес има околу 300 милиони пушачи. Всушност, во кинеската култура цигарите се толку присутни што тие играат изненадувачка и многу важна улога во нивните свадби.
На кинеските свадби пушењето е посебна традиција, иако во последните години се забележува тренд на опаѓање.
Едно од главните задолженија на невестата е да оди наоколу и да им пали цигари на сите мажи коишто присуствуваат на свадбата. Покрај тоа, невестата и младоженецот играат разни игри со пушење.
Цигарите често се ставаат во садови на секоја маса за време на свадбениот прием и се даваат како што кај нас се даваат бонбони.
Омилен бренд на цигари за свадбените прилики е „Двојна среќа“.
Свадбите се толку профитабилни за кинеските тутунски компании што тие понекогаш ги спонзорираат. Според Волстрит Журнал, кинеската тутунска компанија Жеџианг Индастријал организира годишно масовно венчавање во Хангжу.
Во 2013 година, Глобалниот здравствен институт при универзитетот Емори со помош на средства од фондацијата Гејтс покрена иницијата против пушењето во седумнаесет кинески градови. Повеќето градови избрани за иницијативата се фокусираа врз забрани за пушење на јавни места. Четири градови – Чангчун, Хангжу, Чингдао и Нингбо – решија да се фокусираат врз свадбите.
Во јуни 2015 година, властите во Пекинг решија да отидат и чекор подалеку и го забранаија пушењето во сите затворени јавни простори.
Концептот на пушење големи количества цигари на свадба можеби се чини чуден за некинезите. Со сигурност тоа било шок за францускиот уметник Томас Совин, кога нашол повеќе екстремни фотографии на кои се прикажува пушењето за време на кинеските свадби.
Почнувајќи од 2009 година, Совин собирал фрлени стари фотографии и неразвиени негативи од Кина.Тоа што Совин го открил во таа прилика е серија на фотографии направени во периодот од 1985 година до почетокот на 21. век кои откриваат интимен поглед врз двојки и гости на свадбите кои не само што пушат цигари, туку прават и бонгови за цигари од празни шишиња за сок.
После години пребарување низ повеќе од половина милион негативи, Совин напишал книга со наслов „Додека смртта не нѐ раздели“.