Препишувањето на испити е раширена појава на факултетите, но класичните ливчиња сѐ повеќе се заменуваат со паметните телефони и часовници, „бубиците“ во увото, микро-камери и други IT средства кои на студентите им овозможуваат се поуспешно да го прикриваат своето незнаење. Но, Каја Павлиниќ, студентка од Хрватска, е решена да се бори против оваа, како што вели таа, многу штетна и многу раширена појава кај студентите во Хрватска. Оваа девојка од Вараждин решила да тргне во акција и со својата иницијатива „Интегритас“ да ги освести учениците и студентите за раширеноста на корупцијата во општеството, и нивните почетоци во самото училиште.
Станува збор за проект кој вклучува работилници, дискусии и презентации чијашто цел е спречувањето на нечесните постапки во училиштата и на факултетите. Досега тие биле одработени во повеќе средни училишта во Загреб, а договорени се и посети во Ријека и Вараждин.
„На сите ни е познато дека по индексот на корупција ние се наоѓаме меѓу најлошите држави во светот. Ме лути тоа што корупцијата ја гледам насекаде околу себе. Моите колеги се служат со бубици, со невидливо мастило, околу препишувањето се разви цел бизнис. Тоа е срамно и настојувам да избегнувам такво друштво“ – вели Каја, студентка во трета година на Факултетот за електротехника и информатика. „Тоа е тежок факултет и постојано се препишува“, споделува Каја. „Омилено средство за препишување и мамење на испитите и тестовите е апликацијата Ватсап, со која студентите ги фотографираат прашањата и тестовите, ги праќаат на своите колеги, а овие по истата апликација им ги праќаат одговорите. На другите факултети е уште полошо. Сѐ може да се купи“, тврди оваа совесна студентка.
„Се шокирав кога се запишав на факултет. Не ни сонував дека ова е толку раширена појава“, коментира Каја, која во средно училиште одела на разни меѓународни натпревари по информатика и видела насекаде не е исто.
„Доаѓате во контакт со луѓе на кои препишувањето им е незамисливо, кои тоа го сметаат за срамно. Станува збор за сосема друг начин на гледање на светот и животот“, вели Каја.
Идејата за проектот тргнала од Американската амбасада во Загреб која минатата година организирала работилница за професори, ученици и студенти на тема корупцијата, мамењето и воведувањето на етички кодекси во училиштата и факултетите. Уште еден поттик за неа биле и бројните афери и препишувањето на дипломските работи, плагијатите во академската заедница, истрагите во врска со сомнежи за корупција на некои факултети.
Каја вели дека е свесна дека со својот проект нема да ја искорени корупцијата во образовниот систем, но мисли дека работата нема да ѝ биде залудна.
„Овој проблем треба да почне да се решава генерациски, со младите, бидејќи корупцијата не може да ја снема додека овие постари генерации не си одат. За жал, мислам дека за нив е доцна. Но, децата и студентите гледаат дека нивните професори не се чесни, па мислат дека ниту тие не треба да бидат. На запад тоа е поинаку, студентите сакаат самите да научат нешто, а не со препишување да го минат испитот само колку да го минат“ – истакнува Каја.
Што мислите вие, почитувани читатели, дали е во право оваа млада и принципиелна девојка од нашето соседство? Дали и ние овде, ако нашите деца почнеме да ги учиме на принципиелно и етичко однесување, на градење на чувство за општествена одговорност и заеднички интерес, наместо на итроманштините и лукавоста на Итар Пејо со кои растеа цели генерации, можеби нештата во нашата држава ќе тргнат кон подобро? Некој ден…