Стартап компанијата OnComfort користи виртуелна реалност за да им помогне на пациентите дијагностицирани со рак. Според извршниот директор на компанијата, нивните пет VR апликации се покажале дека го намалуваат стресот, анксиозноста и потребата за лекови против болка.
„Oncomfort користи технологија на виртуелната реалност за да им помогне на пациентите да ги совладаат техниките за управување со стресот, да им дадат лесна разбирлива информација и да им помогнат да се чувствуваат дека имаат повеќе контрола, смиреност и удобност.“, изјавила Дијан Џорис, откако компанијата ја добила C3 наградата.
Досега, OnComfort создаде пет различни VR апликации за извршување на оваа цел. Аква е извонредно искуство што го става пациентот во подморска средина за да предизвика релаксација, додека Амо користи клинички техники на хипноза, длабоко дишење, слики и релаксација за да ја олесни болката и анксиозноста. Три од апликациите на компанијата – Кимо, Спацио и Стела, се специјално дизајнирани за потребите на педијатриските пациенти. Тие можат да се користат за да го одвлечат вниманието за време на кратки процедури или да им помогнат да се подготват за радиотерапија и хемотерапија.
Нивните апликации биле тестирани од страна на 20 лекари на повеќе од 1.500 пациенти во САД и Европа. Џорис изјавила за Форбс дека тестовите досега покажале позитивни резултати – пациентите со рак на дојка кои го користеле OnComfort најмалку 15 минути пред нивните закажани процедури забележале намалување на анксиозноста за 50 проценти, намалување на употребата на лекови против болка од 80 проценти и намалување од 40 проценти во целокупната болка.
Статистики како овие, најверојатно, ќе и помогнат на компанијата, бидејќи тие бараат поголема поддршка за нивната технологија. Добивањето регулаторно одобрение за употреба на VR – или било каков нов третман или уред – за медицински цели не е лесно, а процесот може да биде долг, скап со неочекувани пречки.
Виртуелната реалност веќе докажа дека е способна да помогне во здравствената индустрија, помагајќи им на пациентите да се справат со аутизам, параноја, породилни болки и многу други состојби и заболувања.