Во последниве години постојано слушаме за тоа дека треба да го зачуваме нашиот национален и културен идентитет, кој како постојано да е под опсада на глобалните тенденции и туѓи влијанија. Па така, веќе и кај нас сѐ повеќе популарни стануваат настани како „Црн Петок“, „Ноќта на вештерките“, Св. Валентин сѐ повеќе го заменува Св. Трифун бидејќи тоа е убав повод да ја изненадите вашата поубава половина со некој убав подарок итн. Меѓутоа, има ли подобар и поубав начин да се зачува еден културен идентитет, ако не преку чување и негување на мајчиниот јазик и живеење на народните обичаи и традицијата? Конкретно, кога станува збор за дарувањето, на балканските простори постои една многу стара и многу убава традиција на дарување и посакување здравје, среќа и убавина – преку дарување и размена на прекрасните црвено – бели амајлии, кои кај нас се најпознати под името мартинки.
На Балканот оваа традиција најмногу е застапена во Бугарија, каде што е издигната на ниво на национален празник, како и во Романија. Во Бугарија мартинките се нарекуваат мартеници, а во Романија марцишор (mărţişor). Мартинките, иако помалку застапени, се познати и во Грција, како мартис (Μάρτης, Μαρτ’ς) и Албанија (verore).
Во повеќето краишта на Македонија овие амајлии се нарекуваат мартинки или марти, а во Мијачијата се познати како моњаци, м`лњаци или мањаци. Според традицијата, мартинките вообичаено се изработуваат на денот пред Први март (Денот на Баба Марта) или пред изгрејсонце на самиот празник. Најчесто се изработувале од волнена преѓа, но и од сурова волна која се собирала од плотовите, грмушките и други места каде што ќе минеле овците, а понекогаш се употребувал и памучен или свилен конец. Во Галичник на мартинката се нанижувала и продупчена сребрена или златна паричка и таквата амајлија се нарекувала нижаљка. Мартинките најчесто се носат на раката како бразлетна, но и на вратот, реверот на палтото, а во Галичник девојчињата на кои не им биле дупнати ушите си ги украсувале и своите уши со мартинки.
Како што е случајот со сите амајлии, и за мартинките се верувало дека се најефикасни во својата намена ако се изработени лично од личноста која подарува или ги носи. Се носеле за здравје, убавина, за децата да бидат бели и црвени како испреплетените црвени и бели конци, како магија против каснување од змии, заштита од молњи, а во некои случаи се испреплетувале и црвено-црни конци како заштита од вампири и демони. Мартинките најчесто се носат додека да се види првата ластовица или штрк и се закачуваат на првото расцветано дрво, при што се посакува здравје и среќа за себе и најблиските.
Почетоците на оваа традиција не можат со сигурност да се утврдат. Некои сметаат дека сме ја наследиле од древните Тракијци, други пак ја доведуваат во врска со древномакедонскиот празник Ксантика. Во секој случај се работи за претхристијански обичај, кој несомнено е поврзан со повторното будење на пролетта (особено ако се има предвид дека кај старите Римјани годината започнувала во месецот Март, а истиот месец старите Словени го славеле празникот кој кај нас се зачувал под името Летник). Црвениот конец ја симболизира крвта и плодноста, а белиот чистотата и невиноста. Нивната испреплетеност пак го симболизира испреплетувањето на машкото и женското начело, со што се цели кон магиско обезбедување на плодноста во текот на годината.
Како што известуваат пишаните извори, во Македонија традицијата на празнување на Баба Марта и дарувањето мартинки била силна. За неа ни сведочи и запишаното во Зборникот на Миладиновци:
Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело; и утрината го клавает на децата на грло, на р’це и ноѕе за здравје. Тие се викает мартинки, и со ним в Струга сретват ластoвиците. Таја вечер пременувает местата, к’де спавале до тога, за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано, и пејет по к’штите: „Ластовица идеше, Црно море пливаше…
Но, по Балканските војни, а особено во втората половина на 20-тиот век оваа убава традиција кај нас полека замира. Дури во последните десеттина години започнува полека да се возобновува, и тоа најмногу благодарение на големиот ентузијазам и труд вложен од лица и установи кои се грижат за нашето културно-историско наследство.
Така, ХАЕМУС – Центар за истражување и промоција на културата на Балканот во 2012 година започнува со промовирање на мартинките како културно наследство во Македонија, а веќе во 2013 година се започнува со празнување на „Денот на Баба Марта“, заедно со партнери од Бугарија, Романија и Молдавија. Како една од проектните активности е поставена и официјалната веб-страница http://grandmamarchday.com/, а од 2014 година ХАЕМУС е потписник на македонскиот дел од мултинационалната апликација во УНЕСКО, со барање мартинките да се најдат на листата на светското нематеријално културно наследство.
Оваа година веќе традиционалното празнување на Денот на Баба Марта се организира под мотото Среќна Баба Марта 2017 – изложба и базар на ракотворби од страна на УНЕСКО клубот ХАЕМУС во соработка со ЛУ Градски Музеј – Крива Паланка и поддршка на Рамстор Мол – Скопје. За јавноста настанот ќе биде отворен во периодот 24.02.02-03.2017 год (10-20ч.)
Настанот се состои од следните компоненти:
– изложба на оригинални рачно изработени амајлии од Македонија, Бугарија и Романија
– изложба на модерни амајлии изработени од Модното студио Маеста
– археолошка визуелизација на праисториското потекло на мартинките преку археолошки предмети од територијата на Р. Македонија
– едукативни панели
– проекција на документарни филмови
– продажна галерија со ракотворби
– креативни работилници за деца
Потоа изложбата ќе се помести во просториите на ЛУ Градски Музеј Крива Паланка, каде што за време на свеченото отварање на 04.03. 2017 покрај веќе спомнатите активности, ќе биде одржано и предавање од страна на македонски експерти, при што присутните ќе можат да се запознаат со историјата и значењето на овој стар балкански обичај.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.