Со само завршено високо образование и добра психофизичка состојба сега сите на возраст до 28 години можат да станат пилоти во Македонија. Отворен е конкурсот за запишување на идни пилоти за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија. Конкурсот трае до 18 декември 2015 и истиот го распишува Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Доколку сакате да имате канцеларија со поглед и да ја гледате Македонија „од птичја перспектива“, или пак сонувате да летате низ облаците сега е Вашата можност. Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе одбере осум кандидати во кои 18 месеци ќе вложува интензивно за нивно стручно оспособување и усовршување за пилоти по родот авијација. Подетални информации за конкурсот и обуката можете да добиете на „Денот на отворени врати“ којшто ќе се организира на 5 декември 2015 година со организиран превоз од Скопје до Петровец. (Пријавете се ОВДЕ)
Право на учество ќе има секој граѓанин на Република Македонијаmкоја не е постар/а од 28 години, е физички и психички здрава личност и има завршено прв циклус на студии (високо образование со вкупно 180 ЕКТС кредити). На избраните идни пилоти треба да не им е изречена забрана за вршење на дејност, должност или професија и да ги исполнуваат критериумите по Законот за класифицирани информации, што ги утврдува надлежен орган во Министерството за одбрана. Право на учество имаат и оние кои дипломирале во странство со нострификација на дипломата која ја добиле во странство.
Потребните документи за пријавување се пријавата (пополнет формулар што го издава Академијата), диплома и уверение за завршено високо образование(нострифицирана доколку е издадена во странство), уверение за државјанство, извод од Матична книга на родени, уверение од надлежен суд за неизречена мерка на безбедносна забрана за вршење професија, дејност или должност и кратка биографија. Кандидатите треба да имаат и солидно познавање на англискиот јазик за даги следат обуките за усовршување и оспособување на идните пилоти.