Чекајќи на ред за социјална помош, образите на самохраната мајка Белинда Грејшон црвенееле од срам додека таа го избегнувала погледот на другите клиенти. Кога стигнала дома, седнала на подот во дневната соба во нејзината мала изнајмена куќа, го распределила секое пени од износот на помошта за да ги плати насобраните сметки, и потоа ја положила својата глава на излижаниот зелен тепих и залипала. Белинда, која работела како терапевтска масажерка, била преплашена од можноста да падне во долгови, но секоја недела ѝ недостигале по педесет фунти, а немала каде да се сврти за дополнителен приход.
„Плачев, бидејќи очајно сакав на своите ќерки да им овозможам добар живот, но немав доволно пари за да им платам ни за училишните екскурзии“, се присетува Белинда.
„Готвев внимавајќи да не трошам многу, но бидејќи бев решена девојчињата да се хранат добро, често јас самата останував без оброк.“
Но, наместо да падне во депресија, тоа попладне за ена било пресвртната точка. „Решив, што и да биде, ќе сторам сѐ што можам на своите ќерки да им обезбедам сѐ и да имам доволно пари за да немам финанскиски грижи. Сакав да им бидам пример на своите ќерки, кои тогаш беа на возраст од 13 и 15 години, и да им покажам дека една самохрана мајка може да застане на свои нозе, па дури и да се збогати.“
По осумнаесет години, Белинда станала мултимилионерка, работејќи развој на недвижнини низ целиот свет, заработувајќи за огромен имот во Јоркшир и прекрасна вила на Барбадос. Нејзината првична цел била да заработува дополнителни 200 фунти месечно кои ѝ недостасувале. Па така, кога видела оглас во локален весник за работилница во врска со тоа како да се заработат пари од недвижнини, таа позајмила пари од семејството и одпријатели за да ги собере тие 1000 фунти потребни за да присуствува на работилницата.
Откако го напуштила училиштето на 16 години, без никакви квалификации и потоа 18 години била домаќинка без да учествува во семејните финансии – а дел од причината зошто го напуштила својот сопруг било и тоа што тој не ѝ давал да работи – Белинда признава дека разбрала многу малку од тоа што се зборувало за време на дводневната работилница. Но, научила една стратегија за која верувала дека и покрај тоа што немала пари за инвестиции, може да успее. Тоа било примамливо лесна шема.
Белинда требала да наоѓа куќи кои продавачот ги продавал по само 75 отсто од нивната пазарна вредност, вообичаено поради нивната лоша состојба, и потоа да ја зголеми нивната вредност со нивно преуредување и со вградување на пристојна бања и кујна. Потоа требало да подигне хипотека за новата повисока вредност на имотот и да го изнајмува на станари. Потоа дел од парите од хипотеката ги употребувала за да реновира друга куќа. Потоа некои од куќите продала и постепено изградила успешно портфолио и заштеда од повеќе од осум милиони фунти.
Слична е приказната и со Бернардет Дојл. Нејзините синови биле на возраст од само три и една година кога се разделила од нивниот татко пред седум години. Но, наместо да биде совладана и обземена од одговорноста кон двете деца, разделбата од сопругот ја поттикнал да нејзиниот онлајн бизнис да го претвори во златен рудник. Во текот на само две години, на возраст од 41 година, Бернардет станала милионерка со тоа што обучувала други бизнисмени како да го зголемат својот профит со тоа што дел од својот бизнис ќе го префрлат на интернет. На пример, советувала клиент кој бил личен тренер дека би требало да качи свои видеа со вежби на интернет за кои на гледачите би им наплатувал да ги гледаат, со тоа привлекувајќи милиони потенцијални клиенти.
„Во првите денови се чувствував проколната бидејќи дел од мене навистина посакуваше успешен бизнис, но никогаш не сум посреќна од тоа кога сум во мојата кујна со моите деца, па така не сакав сето тоа задоволство да го препуштам на дадилки“, вели Бернардет. „Но, кога вие сте единствениот родител во домот, апсолутно сѐ паѓа на ваш грб, од готвењето оброци до бдеењето врз болни деца, плаќањето сметки и фрлањето на отпадот. Па така рано сфатив дека мора да се организирам. Исто така, плаќав да ми ја чистат куќата и да ми ги перат алиштата, за да не морам да се грижам и за тоа. Моите синови сега имаат осум и десет години и јас работам додека тие се на училиште, со повремени вечерни повици од клиенти во други земји, за да се прилагодам на временските разлики.“
Мигот кога Бернардет знаела дека пристигнала на целта е кога во 2011 година била повикана да се придружи на група други претприемачи на островот на Некер Ајленд, приватниот остров на Ричард Бренсон. Таа се присетува како на 16-годишна возраст ја читала биографијата на Бреносн во својата соба која се наоѓала над еден паб во Оксфорд, каде што пораснала.
„Си помислив: Кога мојата тинејџерска верзија би можела да ме види сега, како пијам коктели и дискутирам бизнис стратегии со славен милијардер на неговиот приватен остров, не би можела да си поверува на своите очи“, вели гордо Бернардет.
Никогаш не е доцна да се успее во животот, без оглед на околностите.
Хероите на нашето време не се политичарите и богаташите, туку обичните луѓе со своите мали, но големи подвизи. На каналот Победници, хероите на нашето време се на прво место.