Ниту осум-илјадната публика во салата во Алжир не им попречи на нашите млади ракометари да испишат нова страница во Македонската спортска историја. Со победа над Алжир од 24-20, Македонија за прв пат во историјата на колективните спортови во машка конкуренција обезбеди место меѓу осумте најдобри репрезентации во Светот.
Се играше тесен и изендначен натпревар, во кој сепак Македонија постојано делуваше како да ја има контролата. И покрај тоа што во самиот прв напад доживеавме хендикеп со тоа што Марко Нелоски мораше да го напушти теренот поради повреда, предводени од одличните одбрани на Никола Даниловски и погодоците на Талески, Арсеновски, Велковски, Шилегов и Кузмановски, во првата половина од првото полувреме имавме два гола предност. Следуваше серија на Алжир од 5-1 со која прв пат домаќините стигнаа до водство, кое успеаја до крајот на полувремето да го задржат за минимална позитива на паузата од 11-10.
Во второто полувреме Темелковски повторно се соочи со проблеми поради повреди, Арсеновски и Крстевски мораа да го напуштат теренот за да им се укаже лекарска помош, но уште до 40-тата минута направивме пресврт и поведовме со 15-13. Алжир повторно врза два гола во серија и изедначи, сепак тоа беше последното изедначување на домаќинот. Капитенот Филип Талески ја превзема реализацијата под своја контрола, постигна четири од следните шест гола за Македонија и заедно со Палевски кој ги постигна останатите два, донесоа веќе недостижна предност за Македонија. Мартин Томовски бранеше одлично во тој период од натпреварот, а на две минути до крај Лазаревски, кој одлично го искористи отсуството на Арсеновски, постигна гол за 22-18, по што беше јасно дека Македонија ќе стигне до посакуваното четвртфинале. Рутинската завршница ги донесе конечните 24-20.
Со оваа победа, Македонија се пласираше меѓу најдобрите осум во Светот, во друштво на Франција, Тунис, Русија, Данска, Германија, Унгарија и Шпанија. Интересно е што во најдобрата „осумка“ се наоѓаат сите четири екипи што играа во Групата Ц чиј дел беше и Македонија.
Денес се игра четвртфиналето, а противник на Македонија ќе биде првиот фаворит за златниот медал, селекцијата на Франција. Натпреварот почнува од 19:30 часот по македонско време.
Инсерти од славјето на нашите ракометари по натпреварот:
Извор: РФМ
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете и своја смешна слика или видео и учествувајте во Награданта игра.