Овие слики го прикажуваат мигот на исклучителна солидарност кога соседи се собрале околу куќата на мајка на пет деца за да спречат таа да биде исфрлена од својот дом заради одмазда. 39-годишната Нимо Абдулахи била информирана дека таа и нејзиното семејство ќе бидат исфрлени од домот во кој живееле 12 години откако на својот газда му се пожалила за влага и валкани килими. Но, во неверојатен чин на солидарност, нејзините соседи формирале жив ѕид за да спречат извршителите да влезат на нејзиниот имот. Околу триесет луѓе стоеле пркосно пред изнајмената куќа во Истон, Бристол.
Абдулахи, која во куќата живеела уште откога пред 12 години од Холандија се доселила во Велика Британија, вели: „Ова е нашиот дом. Има голем проблем со влагата. Ова е лошо за нас, бидејќи моите деца имаат астма. До неодамна, килимите насекаде беа многу стари и валкани и од газдата побаравме да ги подобри нештата, но тој беше тежок. Многу пати го замолив да најде решение, но тој многу пати ни се закани. Ни велеше дека ќе бидеме избркани, и еднаш дојде со неговата жена и таа ни кажа дека ако не се иселиме, ќе викнат полиција да нѐ исфрли.“
Но, кога во 11 часот во вторник се појавија извршителите, се соочија со жив човечки ѕид. Абдулахи, која има три сина и две ќерки, вели: „Бев шокирана. Да се види ваква поддршка од моите соседи е прекрасно.“
Џени Рос, една од активистите, вели: „Не сакаме луѓето во нашата заедница да бидат третирани вака. Ова е бркање заради одмазда и луѓето заслужуваат пристојни услови. Сопственикот на становите за изнајмување, и сите други сопственици, треба да знаат дека во оваа заедница има луѓе кои нема да го игнорираат тоа. Ние живееме на оваа улица и е многу блиска заедница. Неверојатно е колку многу луѓе излегоа надвор во поддршка.“
Сопственикот демантира дека се работи за иселување заради одмазда, и вели дека е започната законска процедура за иселување на Абдулахи.