Слоновите ретко заболуваат од рак, но досега научниците не успеале да откријат зошто. Во истражување кое би можело да помогне да се искорени оваа болест кај луѓето, истражувачите идентификувале механизам кој го уништува ракот, при кој централната улога ја игра ген во кој е енкодиран р53 – протеин кој го потиснува ракот.
„Веруваме дека р53 игра клучна улога во потиснувањето на ракот кај цицачите“, вели Џошуа Шифман, педијатар онколог во Хантсмановиот интитут за рак, при медицинскиот факултет во Јута, САД. Шифман го предводел истражувањето, резултатите биле објавени во статија во Журналот на Американската Медицинска Асоцијација.
„Еволуцијата имала педесет и пет милиони години да научи како да го спречи ракот кај слоновите“, додава тој“, и сега ние ја имаме големата можност од тоа да научимо како да го лекуваме и спречиме ракот и кај луѓето, как ои кај другите цицачи, како кучињата и мачките.“
Пред новото откритие, слоновите биле сметани за енигма на четири нозе. Тие имаат стопати повеќе клетки од нас, па така би требало да имаат и стопати повеќе изгледи да заболат од рак. А сепак, тоа не е така. Шифман и неговиот тим известуваат дека стапката на смртност од рак кај слоновите е помала од 5 отсто, за разлика од нас луѓето, кај кои истата изнесува 11-25 отсто.
За да ја истражат оваа мистерија, Шифман и неговиот тим соработувале со зоолошката градина Хогле во Јута и со Ринглинг Брос, центар за зачувување на слоновите. Научниците издвоиле бели крвни клетки од крвта на слоновите, извлечена за време на нивната рутинска проверка. Потоа ги подложиле клетките на третман кој ја оштетува ДНК, што ја предизвикува појавата на рак. Во одговор на тоа, и под влијание на р53, оштетените клетки извршиле самоубиство.
Понатамошните истражувања покажале дека слоновите имаат барем четириесет генетски копии со р53, додека луѓето само две.
„Треба да се истакне дека на преку половина од канцерогените клетки кај луѓето недостига функционалниот р53, уште едно навестување за неговата важност во спречувањето и потиснувањето на ракот“, вели Шифман.
Што се однесува до прашањето зошто луѓето и некои други цицачи, како кучињата, се склони кон заболување од рак, наспроти слоновите, тој вели дека тоа се должи на метаболизмот, репродуктивните стратегии и должината на животниот век. Жените раѓаат сѐ до средината на нивните четириесетти, а понекогаш и во нивните рани педесетти.
„По оваа возраст, луѓето повеќе не ги пренесуваат своите гени директно на следното поколение и стапката за заболување од рак драматично се зголемува“ изјавил Шифман, истакнувајќи дека во истото тоа време опаѓа и функцијата на р53.
„Во контраст на тоа“, додава тој, “слонот е толку голем и слоновите се размножуваат во текот на целиот нив животен век, кој во просек трае педесет години. Кога слоновите не би биле заштитени од рак, овој животински вид би се соочил со опасност од изумирање, бидејќи сите млади слонови кои не се размножуваат би биле под висок ризик да развијат и да му подлегнат на ракот пред да можат да ги пренесат своите гени.“
Новите приоди кон лекувањето на рак, засновани на моќта на р53, сега се во разработка. Шифман и неговиот тим на пример планираат да да истражат природни или синтетички соединенија кои би можеле да ја имитираат засилената функција на р53 која се забележува кај слоновите.
Семејството Фелд, сопственици на Фелд Ентертејнмент, компанијата мајка на Ринглинг Брос и Барнум енд Бејли и Ринглинг Брос центарот за зачувување на слоновите, само што објавија дека ќе донираат повеќе од еден милион донари како поддршка за истражувањата за борба против ракот, како и за грижа за децата кои страдаат од таа и од други болести.