Размислете малку и кажете си искрено дали ова не ви се случило и вам.
Синдромот на сварената жаба се сврзува со емоционалниот замор. Тој се јавува кога ќе се најдете приклештени во ситуација од која си мислите дека не можете да избегате. И така полека се привикнувате на неа, додека на крајот едноставно не бидете сварени. Може да се каже дека полека се движите во маѓепсан круг. Тој ве уништува, ве руши умствено и емоционално, сѐ додека на крајот не се почувствувате апсолутно изморени, од сѐ.
Синдромот на сварената жаба: жабата која бесполезно си ја троши енергијата
Оваа приказна се базира на веќе постоечки физички закон. Тој гласи: „ако брзината со која се загрева температурата на водата е побавна со 2 степени целзиусови на минути, жабата нема да скокне од водата и ќе продолжи да живее сѐ додека водата не стане премногу врела, кога жабата едноставно умира.
Оливие Кларк објаснува дека ако ставите една жаба во тенџере со вода и започнете да ја загревате водата бавно, жабата постепено ќе се приспособува на температурата. Кога водата ќе почне да врие, жабата нема да биде во состојба да се приспособи и ќе се обиде да скокне надвор од тенџерето. Но, за жал таа повеќе не може да избега, бидејќи ја истрошила сета своја енергија во приспособување на температурата на која е подложена. Ова води до прашањето – што е тоа што ја убило жабата? Врелата вода или нејзината неспособност да реши во одлучувачкиот миг да скокне и да се спаси? Ако наеднаш сте ја потопиле во вода со температура од 50 степени, таа би скокнала веднаш, за да се спаси. Но, додека се привикнува на постепеното зголемување на температурата, до нејзината свест никогаш не допира дека треба да скокне пред да биде предоцна.
Молчаливото влошување на нештата, кое нѐ тера да се преправаме дека сме добро
Кога емоционалното влошување е бавно, тоа останува незабележано. Тоа е објаснувањето за нашиот недостаток на реакција во вистинскиот момент. На крајот се задушуваме во токсичен воздух кој цело време бавно не труел. Кога промената се случува достаточно бавно, едноставно му бега на нашето сознание. Всушност може и да се чувствувате доста добро, дека сте потребен на вашиот партнер или партнерка, дека шефот ви верува и ви доверува некои задачи или дека на вашиот пријател од доверба постојано му треба вашата помош. Со текот на времето тие мали барања кон вас постепено ја намалуваат вашата реакција и способноста за реакција. Тоа е исто како примерот со жабата погоре, што полека ви ја одзема енергијата и способноста да видите дека одите во погрешен правец.
Не заборавајте да скокнете кога треба
Тој молчалив процес на приспособување кон неудобноста полека ве задушува и руши. Тој бавно и многу неосетно ја превзема контролата врз вашиот живот. Затоа не заборавајте да ги држите очите широко отворени и да набљудувате сѐ што се случува околу вас и држете се цврсто до вашите принципи, почитувајте ја вашата личност за да ве почитуваат и другите.
А синдромот на сварената жаба може да се однесува на најразлични работи: на секојдневната рутина која полека ве убива, на работното место кое полека ве уништува со отровната атмосфера, на љубовната или пријателска врска во која едниот од партнерите е егоистичен нарцис а другиот неговата храна, неговата дневна доза, на едно општество кое полека се претвора во диктатура – на сѐ што полека го зачмајува вашиот дух и прави дури и да ви е удобно во зовриената жабокречина.