Шест од најголемите банки во светот се приклучуваат на проектот за создавање на нова форма на дигитална валута. Банките се надеваат дека следната година ќе го лансираат новиот производ за да можат поефикасно да ги направат своите финансиски трансакции благодарение на блокчејн технологијата која стои зад Биткоин.
Финансиските институции Barclays, Credit Suisse, Canadian Imperial Bank of Commerce, HSBC, MUFG и State Street веќе работат на технологијата наречена „монета за порамнување“ (utility settlement coin). Оригиналниот креатор на дигиталното средство е швајцарската банка УБС, која има за цел да ги направи финансиските пазари поефикасни, пишува Financial Times.
Проектот за креирање на платната инфраструктура базиран на блокчејн-технологија влегува во нова фаза во која учесниците на проектот влегуваат во длабински разговори со централните банки и ја забрзуваат својата работа за заштита на податоците и сајбер безбедноста. Кајд Џефри, шеф на стратешки инвестиции и фински иновации во УБС, изјавил дека разговорите со централните банки ќе продолжат во текот на следните 12 месеци.
Блокчејн технологија се базира на комплексни алгоритми кои овозможуваат тргување и плаќање со крипто валути без централизиран контролер и сметководствен механизам. Банките ширум светот првично беа скептични во врска со новиот бран на виртуелни валути, додека не ја препознаа вистинската можност за себе во технологијата зад нив.
Така, голем број финансиски институции веќе работат на блокчејн-инфраструктура наменета за домашни трансакции и меѓународни корпоративни плаќања. Ова ќе ја зголеми брзината и ефективноста на плаќањата, кои ќе ослободат милијарди да влезат на глобалните пазари.
„Споделената сметководствена книга (блокчејн принцип) е една од најиновативните технологии на пазарот“, изјавил Ли Брејн, директор на технолошката канцеларија на Barclays, инвестицискиот оддел. „Од намалување на ризикот до подобрување на капиталната ефикасност на финансиските пазари, гледаме неколку придобивки од овој проект“, вели тој.
„Монета за порамнување“, врз основа на производ развиен од Clearmatics Technologies, ќе им овозможи на финансиските институции да си плаќаат едни со други или да купуваат хартии од вредност како што се обврзници и акции, без да се чека да се завршат конвенционалните парични трансакции. Наместо тоа, банките ќе ја користат дигиталната валута за да се надополнуваат едни со други. По завршувањето на трансакцијата, финансиските институции ќе ја разменуваат виртуелната валута со конвенционалните пари во централните банки.
Сепак, пред тргување со хартии од вредност кои ќе се пренесат на блокчејн-базираната платформа, ќе биде неопходно самите хартии од вредност да се прилагодат на новата технологија, бидејќи ако не се случи тоа, саканата брзина и ефикасност ќе бидат изгубени.
Генерално, сепак, блокчејн технологијата укажува на иновативниот систем кој ќе биде камен-темелник на постојано зголемување на автоматизацијата. Фактот дека една од најголемите финансиски институции во светот е зад неа е светол сигнал дека технологијата веќе има свое место во вистинскиот бизнис. Едно е сигурно – појавата на блокчејн може да се спореди со ефектот од појавата на феноменот интернет.