Во земја во којашто мажите се ценат повеќе од жените, ова уникатно село го прославува раѓањето на неговите ќерки создавајќи позелен, поздрав свет.
Во земја кадешто машките деца сѐ уште се поценети од женските, селото Пиплантри во Раџастан нуди посвежа и посовремена гледна точка. Во селото ќерките се прифатени како и синовите, па дури е создадена и традиција од која полза имаат сите жители, како и целата планета, секогаш кога тука ќе се роди девојче. Секогаш кога ќе се роди девојче, селаните засадуваат 111 дрвја.
Која е причината и логиката зад оваа невообичаена традиција? Луѓето го прават ова за да се осигураат дека порастот на население нема да ја загрози природната околина. Навистина свесна еколошка традиција која буквално помага во обезбедувањето на позелена животна средина за идните генерации.
Селаните собираат 21.000 рупии помеѓу себе, и 10.000 рупии од родителите на девојчето. Целата сума од 31.000 рупии (околу 470 евра) се вложува како фиксен депозит на дваесет години на име на девојчето.
Родителите законски се обврзуваат со своерачен потпис дека на својата ќерка ќе ѝ обезбедат соодветно образование. Во изјавата исто така стои дека ќе се омажи единствено по навршувањето на законската возраст, како и дека за дрвјата засадени во нејзина чест ќе се води соодветна грижа.
Заедницата заедно работи со цел да се осигураат дека дрвјата ќе преживеат и достигнат плодност во времето кога девојчето ќе процути во млада жена.
Месните жители не се задоволуваат само со садење дрвја – вредно се грижат за нив и ги заштитуваат од термити. Насекаде околу дрвјата има засадено алое вера.
А дрвјата, особено алое вера растенијата, потоа се извор на приходи за жителите.
Шиам Сундар Паливал, поранешниот кмет на селото, бил првиот кој ја почнал оваа традиција, во чест на неговата ќерка која починала на млада возраст. Во текот на изминатите шест години биле засадени над четвртина милион дрвја.
Жителите тврдат дека во селото немало ни еден полициски случај во изминатите 7-8 години. Еве уште еден инспиративен пример за тоа дека луѓето можат да се однесуваат одговорно и грижливо за другите луѓе, како и за својата околина.