Во Македонија, во првите неколку дена од лансирањето „Sea Hero“ e број 1 преземена игра од Google Play.
Македонски Телеком апелира за масовно вклучување и играње на „Sea Hero Quest“, во корист на научните и хумани цели.
Новата иновативна мобилна игра „Sea Hero Quest “, која што ја промовираше Групацијата Дојче Телеком, а во Македонија е поддржана од Македонски Телеком, за кратко време постигна извонредни резултати, со што се надминати првичните очекувања. Само две недели по лансирањето, повеќе од 1 милион луѓе од целиот свет ја презедоа „Sea Hero Quest“. Со просечен рејтинг од пет ѕвезди добиен од над 45.000 оценувања во App store и во Google Play, фидбекот од играчите е повеќе од позитивен.
Играта „Sea Hero Quest“ влезе во Топ 10 листата на 50 пазари на App Store и Google Play, а на многу пазари се наоѓа и на прво место. Тоа само по себе е спектакуларен успех за истражувањето и науката во борбата против деменцијата.
И Македонски Телеком како дел од Групацијата Дојче Телеком има голем придонес во севкупните резултати на „Sea Hero Quest“. За кратко време играта стана голем хит во Македонија, а во првите неколку дена од лансирањето таа е број 1 игра по преземања од Google Play и број 2 на App Store.
Благодарение на „Sea Hero Quest“ се направи голем чекор напред во истражувањето на деменцијата. Основниот концепт на проектот е да се искористи само дел од 3-те милиони часови коишто луѓето ги поминуваат во играње игри секоја недела и да им се овозможи на луѓето да споделат дел од нивното време за да им помогнат на научниците да соберат важни информации во врска со ориентацијата, сето тоа преку играње игра.
Затоа, со цел да се подигне свесноста за деменцијата и алцхајмеровата болест на повисоко ниво, Македонски Телеком уште една апелира и ги повикува граѓаните помасовно да се вклучат и да играат „Sea Hero Quest“, преку која за само 2 минути на истражувачите им се обезбедуваат анонимни податоци во врска со просторната ориентација на секој играч.
Универзитетот во Лондон ќе ја води анализата на анонимните податоци генерирани преку играта во текот на следните месеци. За да се воспостават вистински стандарди за човековата ориентација во просторот, важно е во играта да учествуваат што поголем број играчи од различни земји, возрасти и пол коишто ќе одговорат на клучните прашања на науката.
За многу луѓе кои живеат со деменција, еден од првите симптоми коишто ги доживуваат е губење на просторна ориентација, бидејќи ја губат способноста да се ориентираат дури и во добро познати места и средини. Креирањето на глобален стандард за тоа како се ориентираме е широко прифатено како еден од клучните чекори кон развивање на нови дијагностички тестови за болестите коишто предизвикуваат деменција.
Дојче Телеком ја разви каузата „Играј за добра цел“ во тесна соработка со Alzheimer’s Research, Универзитетот во Лондон, Универзитетот на Источна Англија и развивачите на игри од компанијата Glitchers.
„Sea Hero Quest“ е достапна на глобално ниво за iOS и Android уредите и може бесплатно да се преземе од App Store и Google Play или пак на следниот линк. Повеќе информации во врска со истражувачкиот проект и за оваа уникатна добротворна игра може да се најде на www.seaheroquest.com.