Кога мајката на Мелиса Охден била присилена да абортира во 8 месец од бременоста шансите бебето да биде родено живо биле високи. Сепак, тоа што не била оставена да умре било чудо и хуманост на медицинските сестри. Откако Мелиса се родила во 1977 година била ставена во медицинскиот отпад. Но, медицинската сестра која поминувала таму ја слушнала како плаче и веднаш ја однела на интензивна нега.
Делото на медицинската сестра било против наредбата на бабата на Мелиса, која исто така била медицинска сестра во болницата во Мисури. Таа им кажала на своите колеги „да го остават бебето во собата да умре“. „Открив дека мајка ми, на возраст од 19 години, била принудена од нејзината мајка да абортира, која била медицинска сестра во болницата”, откри Мелиса во интервју за Mail Online.
Како резултат од овој неуспешен абортус Мелиса била родена со жолтица, проблеми со дишните патишта и имала напади. Лекарите очекувале ова да предизвика проблеми во нејзиниот возрасен живот, но за некое чудо тоа не се случило. Додека Мелиса била во болницата за неа се грижел тим од медицински сестри. Една од сестрите ја крстила Мелиса, Кејти Роуз и плетела облека за бебето.
Кога имала три месеци Мелиса била посвоена од семејство кое и пружило многу љубов и и го дале името Мелиса. Линда и Рон Оден веќе имаа една посвоена ќерка, Тами и верувале дека никогаш нема да можат да имаат деца – иако на крајот зачнале син. Родителите на Мелиса биле искрени кон неа и Тами дека се посвоени, но тие не планирале да и кажат на Мелиса дека преживеала абортус.
„Тами и јас се расправавме како што прават сите сестри. За време на една расправија кога имав 14 години таа извика ‘Мене барем родителите ме сакале!’ Истрчав кон посвоителите и тие тогаш ми ја кажаа ужасната вистина, дека сум преживеала абортус. Тие никогаш не сакале да го знам тоа. Светот ми се сврте таа вечер. Се чувствував лута, засрамена па дури и виновна што сум жива. Почнав да пијам за да ја намалам болката. Но моите родители не сфатија колку многу патам затоа што одлично го криев тоа.“, вели Мелиса.
Мелиса се запишала на Универзитетот во Јужна Дакота за да студира Политички науки. Во друг пресврт на судбината, таа не знаела дека нејзината мајка исто така студирала таму, а нејзината баба била професорка кога Мелиса била студент. „Ова не го знаев тогаш, но сега се прашувам дали некогаш случајно сме се сретнале.“, вели Мелиса.
На 19 години Мелиса почнала да бара одговори за нејзините билошки родители почнувајќи од болницата каде што нејзината мајка го направила абортусот. Таа успеала да ги открие информациите за нејзините баба и дедо и им пишала писмо, на кое вратил само нејзиниот дедо, кој и пишал дека никој не планирал дека ќе се роди жива и дека повеќе тие не комуницираат со нејзината мајка.
Мелиса истата година открила дека живее во истиот град со нејзиниот татко и решила да му пише писмо, на кое што тој никогаш не вратил. Подоцна дознала дека нејзиниот татко починал. Тогаш Мелиса се откажала од потрагата. Таа сега е мажена за ИТ техничарот Рајан и тие имаат две ќерки. Тогаш кога имала 36 години братучедка на нејзината мајка и пишала мејл во кој и објаснила дека нејзината мајка и татко биле дечко и девојка во средно, но нејзината баба не ја одобрувала врската и кога дознала дека е бремена ја присилила да абортира.
Мелиса и нејзината мајка почнале да комуницираат и таа и кажала дека воопшто не знаела дека Мелиса е жива. Тие се допишувале 3 години пред конечно да се запознаат. Мелиса дознала дека сега таа има и две полусестри. Мелиса вели дека таа и простила на нејзината мајка, па дури и на нејзиниот татко и на нејзината баба, која што веќе е почината.
За да им помогне на оние кои преживеале неуспешен абортус Мелиса основала фондација Abortion Survivors Network и моментално е во контакт со 223 лица кои делат слична судбина со неа.