Џорџија Кнол ги стоплила срцата на луѓето откако нејзината мајка објавила видео каде таа „глуми“ дека е стјуардеса. 25-годишната девојка со Даунов синдром отсекогаш сакала да лета во облаците.

Девојката од Квинсленд, станала позната меѓу луѓето уште во 2016 година кога го прекинала репортерот на Live Seven News за да ги поздрави мама и тато. Откако мајката го ставила видеото на Фејсбук најмалку очекувала ваква реакција.

Набрзо по објавувањето ја контактирале од авио-компанијата Jetstar за да ѝ кажат дека би сакале нејзината ќерка да биде дел од нивниот екипаж и ја прашале како можат да ѝ помогнат на Џорџи да си ја исполни желбата.

Откако ги научила основните правила Џорџија се сретнала со екипажот и пилотите на аеродромот Бризбејн, тука ѝ била дадена можноста да заблеска како стјуардеса на летот до дома.

За време на летот таа им ги демонстрирала правилата за безбедност, служела јадење и разговарала со патниците. Сите патници биле пријатно изненадени од веселата Џорџија. Од тимот на Jetstar велат дека Џорџија има многу ведар карактер и е одличен член на нивниот тим. Кога ја прашале Џорџија што најмногу сака да прави како стјуардеса таа одговорила: „Сакам да ги направам луѓето среќни“.

Џорџија вели дека ужива да биде стјуардеса, но дека сѐ уште размислува за постојана професија. Таа вели дека би сакала да стане актерка, додека нејзината мајка додава дека Џорџија ужива да биде во центарот на вниманието и да ги развеселува сите. Младата Џорџија работи и како амбасадор за лицата со попреченост.

Сподели на Facebook
пати видено