Група храбри и издржливи пливачи, пркосејќи ѝ на исклучително солената вода, го препливале Мртво Море од Јордан до Израел, што е прв ваков случај забележан во историјата. Пливањето го организирало здружението ЕкоПис со намера да се крене свеста дека најдлабоката депресија во светот секоја година се намалува за околу еден метар. Дваесет и шест екстремни пливачи од целиот свет, опремени со посебни маски поради големата соленост, го препливале Мртво Море за седум часа.
Оддалеченоста од едниот до другиот брег изнесува само 15 километри, но големото ниво на сол во водата го отежнува нормалното пливање. Мртвото море е десет пати посолено од Средоземното, што значи дека телата лебдат на површината и невозможно е да се нурне во него.
„Беше потешко отколку што очекував“, рекол 40-годишниот Шпанец Самуел Моран. „Иритантната комбинација на сончевата топлина и солта на кожата беше најлоша. Цело време имате чувство како да горите“, изјавил Моран, признавајќи дека неколку пати посакал да се откаже.
Пливачите на лицата имале посебни маски, бидејќи и најмалото количество вода во устата или очите би можела да предизвика вистинска агонија. Ким Чемберс од Нов Зеланд кажала дека пливала во екстремни услови во сите краишта на светот, но дека ова било исклучително тежок напор.
„Дури и неколку капки вода во очите се чувствува како киселина, а една голтка би можела да биде фатална“, изјавила таа.
Бреговите на Мртво Море ги делат Израел, Јордан и палестинските подрачја. Со 400 метри под морското ниво, тоа претставува најдлабока депресија во светот. Експертите предупредуваат дека до 2050 година би можело да пресуши. Пресушувањето започнало во 1960-тите кога Израел, Јордан и Сирија почнале да го менуваат течението на реката Јордан, поради наводнување. Оттогаш нивото на водата во Мртво Море паднала за 40 метри. Разни компании исто така црпеле вода од Мртво Море со цел да ги искористуваат минералите во него.
„Мртво Море“ исчезнува бидејќи ние ја нарушивме рамнотежата на водата, а кога велам ние, мислам на Израел, Јордан и Сирија“, вели хидрологот Јехиели Јозеф.