Биомедицината е во постојан развој и од голема важност денес. Пред две години, 8-годишниот Зион Харви стана првото дете во историјата на медицината, на кое му беше извршена трансплантација на двете раце. Сега две години подоцна 10-годишното момче може да пишува, црта, да се облекува, да ја фати топката и сите оние работи кои децата сакаат да ги прават. Лекарите официјално изјавиле дека не дошло до појава на комликации во иминативе години и операцијата е прогласена за успешен метод.
Радикалната операција е прогласена како голема победа за биомедицината. Лекарите кои ја извршиле операцијата објавиле и извештај, напишан 18 месеци од операцијата, во списанието „The Lancet Child and Adolescent Health journal.“
На Зион, од Балтимор, Мериленд му биле ампутирани рацете и нозете кога имал само 2 години, кога имал сепса, која била смртоносна. Две години по оваа инфекција, исто така, добил трансплантација на бубрег од неговата мајка.
Неговото семејство посетило неколку врвни лекари во болницата Филаделфија Шринерс во 2012 година. Тие првично разговарале за тоа Зион да добие протетски раце, но лекарите имале друга револиционерна идеја, билатерална трансплантација на раце. Во следните неколку месеци врз момчето биле извршени повеќе испитувања за да се утврди дали ќе може да ја поднесе операцијата и последиците од неа.
Конечно, до јули 2015 година, Детската болница во Филаделфија добила зелено светло. Во операцијата биле вклучени 40 лица, вклучувајќи 10 хирурзи и траела 10 часа и 40 минути. Две години подоцна резултатите се неверојатни.
„Детето е независно и способно да ги извршува секојдневните активности. Тој продолжува да се подобрува додека се подложува на дневна терапија за да ја зголеми функцијата на рацете и психосоцијалната поддршка за да помогне во справувањето со ‘товарот’ од операцијата.“, вели Сандра Амарал, доктор во Детската болница во Филаделфија.
Снимки од мозокот на Зион покажале дека тој развил нови патишта за неговите нови сензорни и моторни функции. Сепак, неговото опоравување било тешко и физички и емотивно. Тој уште мора да консумира четири имуносупресивни лекови, со цел неговото тело да не ги отфрли рацете.
Лекарите и научниците заклучиле дека операциите од ваков тип се можни под одредени услови и дека можат да се практикуваат и понатаму. „Напредокот на Зион е спектакуларен и истакнува што може да се постигне со посветен и заеднички напор меѓу мултидисциплинарните тимови на CHOP, Penn Medicine и Шринерс болницата. Значителното подобрување на Зион и на неговите способности да ги извршува задачите за кои претходно не ни сонувал, е навистина инспиративно.“