Научниците откриле начин да ги изменат белите крвни клетки да бидат дваесет години помлди, на тој начин помагајќи да бидат избегнати болестите поврзани со староста. Извршниот директор на Биовива, Елизабет Периш, е толку посветена на каузата на својата компанија што решила самата да се подложи на нивните експериментални методи. Нејзината ризична одлука се исплатила: таа станала првата личност која од биолошка перспектива успешно ги подмладила своите бели крвни клетки.
Биовива истражува начини како да се развијат терапии за болести кои често се јавуваат во поодмината возраст, како алхајмерова болест, паркинсонов, канцерогени и срцеви заболувања. Со овој експеримент тие за првпат во историјата успешно го свртеле обратно процесот на скратување на теломерите, со што белите крвни клетки ги подмладиле за дваесет години.
Во основа, теломерите се фрагменти на ДНК кои се наоѓаат на крајот на секој хромозом. Тие служат како заштита против оштетувања кои природно се јавуваат во човечкото тело како што тоа старее со текот на времето. Како што старееме, клетките сѐ повеќе и повеќе се делат, што предизвикува теломерите да бидат сѐ пократки. По извесна точка, теломерите повеќе не можат да го штитат хромозомот, како резултат на што клетките престануваат да функционираат правилно и почнуваат да се развиваат болести поврзани со стареењето.
Во септември, 44-годишната Периш доброволно учествувала во две експериментални генетски терапии на компанијата. Првиот тест бил обид да се запре осиромашувањето на матичните клетки коешто се јавува со возраста, а второто било обид да се избегне губењето на мускулната маса кое е практично неизбежно како што старееме. Клиничките тестови пред експериментот откриле дека теломерите на Периш се ненормално кратки за нејзина возраст, со тоа правејќи ја подложна на предвремено заболување од болести карактеристични за постарите луѓе. Нејзиното учество е првиот случај во кој овие терапии биле применети врз човек. Сѐ уште преостанува да се утврди дали овој метод би можел да има и странични ефекти кои би можеле да наштетат, но со сигурност е напредок во медицината, а можеби и уште еден чекор понапред кон спречувањето на самиот процес на стареење.