Уникатниот дијамант, именуван како „Матриошка дијамант“, по руски иконски кукли, неодамна беше откриен во рудник во Република Саха во Сибир од страна на руската рударска компанија АЛРОСА.

Внатре во дијамант со големина на леќа, кој изнесува само 4,8 на 4,9 на 2,8 милиметри, има внатрешна празнина која содржи уште еден дијамант, кој изнесува само 1,6 кубни милиметри. Како што можете да видите во гифот подолу, внатрешниот дијамант е тотално лабав и слободно се движи околу шуплината во внатрешноста на другиот дијамант.

„Колку што знаеме, сè уште немало таков дијамант во историјата на глобалното рударство на дијаманти. Ова е навистина уникатно создавање на природата, особено затоа што природата не ја сака празнината. Обично, некои минерали се заменуваат со други без формирање празнина “, се вели во соопштението на Олег Ковалчук, заменик директор за иновации во геолошкото претпријатие за истражување и развој на АЛРОСА.

Зачудени од нивното откритие, рударската компанија пристапи кон истражување и развој за да го проучи дијамантот со помош на инфрацрвена спектроскопија и рендгенска микротрографија.

Бидејќи ова порано не било видено, истражувачите не се сигурни како се формираат дијамантите во вакви необични услови. Сепак, тие имаат неколку теории.

„Најинтересно за нас беше да откриеме како се формира воздушниот простор помеѓу внатрешните и надворешните дијаманти“, објасни Ковалчук. „Имаме две главни хипотези. Според првата верзија, минералот го заробил дијамантот за време на неговиот раст, а подоцна истиот се растворил на површината на Земјата. Според втората верзија, во дијамантот се формирал слој од порозна поликристална дијамантска супстанција заради ултра брз раст, а поагресивните процеси на мантија потоа го раствориле. Поради присуството на растворената зона, еден дијамант почнал да се движи слободно во друг по принципот на матриошка.“

Со оглед на неговата уникатност дијамантот би бил уште поскап, но сѐ уште не се знае колкава ќе биде неговата цена. Нивната анализа, исто така, покажа дека дијамантот може да биде стар над 800 милиони години. Можеби звучи изненадувачки, но тоа е прилично младо за дијамант, бидејќи повеќето природни дијаманти имаат возраст помеѓу 1 и 3,5 милијарди години.

Сподели на Facebook
пати видено