При крајот на 2007, агентот за недвижнини од Чикаго со име Џон Малуф за време на една аукција откупил кутија со филмски негативи без да ги види, по цена од 380 долари. Негативите, кои биле на број од околу 100.000, биле заборавени во некој шкаф со години, за на крајот да стигнат во аукциската куќа. Можеби ова ќе ви се чини како чуден начин да се потрошат пари, но Малуф е страстен хоби историчар, па така решил да ги развие негативите за да види дали може да најде некои интересни приказни и информации на нив. И открил многу, многу повеќе отколку што воопшто и можел да сонува.
Негативите, како што Малуф ги купил на аукцијата. Никој не знаел што имало на нив.
Малуф очекувал вообичаени фотки, можеби некои семејни фотографии од педесеттите и шеесеттите. Но, тоа што го нашол биле стотици и стотици перасни фотографии внимателно направени, на професионален начин. Тие прикажуваат улични сцени од животот во Чикаго и Њујорк во средината на дваесеттиот век. Камерата снимила деца, постари, бездомници, луѓе од средната класа и луѓе од сите сфери на животот кои го отсликувале животот на овие два големи американски градови. Но кој ги направил?
Името на фотографот е Вивијан Маер, позната по тоа што нејзината работа не ја споделувала со никој. Околу четириесет години работела како дадилка, а во нејзиното слободно време шетала по чикашките и њујоршките улици со нејзината Ролифлекс камера, сликајќи. Дури направила и свој автопортрет во одраз на еден излог.
Но, никој не знаел ништо за нејзината фотографска уметност. Малуф, штом го открил идентитетот на Маер, се обидел да стапи во контакт со неа. Но било предоцна, бидејќи во 2009 година ја прочитал нејзината посмртница во во „Чикаго Трибјун“. Починала како последица на компликации на повреда на главата, на 83-годишна возраст.
Денес Малуф располага со огромна збирка на фотографии, а на делото на Маер му било оддадено големо признание во светот на уметноста. Нејзините фотографии се изложувани насекаде во светот, на изложби со дела на други познати фотографи. Но нејзиниот живот е сѐ уште обвиткан во мистерија. Знаеме дека пораснала во Франција и на некој начин била поврзана со Гертруд Вандербилт Витни – основачот на Витни музејот за американска уметност, што можеби повлијаело врз нејзиниот уметнички развој. Сега за сега не постојат, а можеби никогаш нема ни да бидат откриени никакви показатели за причината зошто никогаш не ги обзнанила нејзините дела додека била жива.
Другите фотографии на Маер можете да ги разгледате на специјализираната веб страница, а како бонус можете да го погледнете и документарниот филм кој Џон Малуф го направил во нејзина чест.