Една приказна за тенката граница меѓу слободата и ропството, за доброволното ропство во кое сите ние учествуваме. Погледнете ги – им кажал еден ден фараонот на своите жреци – они долги врвулици од робје, коишто носат камења. Секогаш сметавме дека колку повеќе робови имаме, толку подобро за нас. Но, всушност тие нѐ чинат многу, а не работат достаточно. Ги чуваат огромен број војници, но колку повеќе робови имаме, толку поголема е опасноста од бунтови и толку повеќе треба да ја засилуваме стражата. Освен тоа, треба и добро да ги храниме, за да можат да ја вршат таа тешка работа. Погледнете колку бавно се движат, а стражата не прави ништо за да ги натера да работат побрзо…Но, вака или така, тие се мрзливи и склони кон непокорство…Треба да смениме нешто.
Еве што. Утре пред изгрејсонце гласниците насекаде нека го разгласат фараонскиот указ, кој гласи:
„Од денес на сите робови им се подарува полна слобода. Се симнуваат вашите окови, а за секој донесен камен ќе донесувате по една монета. Монетите можете да ги замените за храна, облека, живеалишта, па дури и дворци. Од денес натака сите вие сте апсолутно слободни луѓе!“
Следниот ден фараонот и жреците одново се собрале да видат што се случува во долината каде што претходно робовите ги носеле камењата. Тоа што го виделе ги запрепастило. Илјадници луѓе се натпреварувале да носат камења, пот се леела од нив, а некои носеле и по две камења одеднаш. Дел од некогашните стражари на робовите исто така носеле камења. Сите се обидувале да пренесат колку што можат повеќе, за да си ги добијат саканите монети и да го изградат својот нов, слободен и среќен живот.
Поминале неколку месеци и фараонот продолжувал со љубопитство и интерес да набљудува што се случува со неговите поданици. А промените биле колосални. Дел од бившите робови се обединиле во помали групи и измислиле технички помагала за да носат повеќе камења, се јавиле и луѓе кои вршеле разни помошни услуги, разнесувајќи храна и вода.
„Со сигурност ќе измислуваат и нови работи“, задоволно си мислел фараонот. „Наскоро ќе си изберат и началник, а можеби ќе си организираат и суд…И нека си изберат. Сега носат многу повеќе камења, се сметаат за слободни, но во суштина ништо не се изменило. Како и порано, и сега носат камења…“