Еднаш една голема група на млади „поучни приказни“ се собрала за да разговараат, исто како што тоа го прават луѓето. Сите ја раскажувале сопствената приказна, а останатите сестри слушале и уживале во мудроста на нивната сестра. Само една од нив седела тивко во ќошот и тажно се насмевнувала. Сите приказни раскажале за себе, само таа не изговорила ниту еден збор. Една од нејзините сестри зачудено ја прашала:
„Зошто така молчиш и не раскажуваш за себе? Не ти се допадна она што го слушаше од нас?“
Тажната приказна одговорила: „Може ли прво нешто да ве прашам, мудри мои сестри?“
„Се разбира! Прашај!“, одговориле приказните.
„Еве луѓето ве слушале. Што кажале потоа?“, прашала тажната приказна.
„Не пофалија. Се радуваа. Им беше мило. Се насмевнаа. Рекоа дека сме во право…“, одговорила по нешто секоја од приказните.
Приказните долго ги опишувале реакциите на луѓето, а кога завршиле тажната приказна повторно ги прашала: „Добро е што биле среќни. Добро е што ја сфатиле и ценеле вашата мудрост и вистината. Но дали го смениле начинот на кој се однесуваат? Или останале исти какви што биле?“
Останатите „поучни приказни“ возвратиле со молчење.
„Затоа јас сум тажна приказна, сестри мои.“