Двајца родители на кои им било кажано дека пред седум години нивното бебе починало во болницата, откриле дека детето е живо и е сместено во сиропиталиште. На родителите, од Волгоград во југозападна Русија, во 2011 година им било кажано дека нивното дете е тешко болно и нема да живее подолго од една недела.
Тие потпишале дека се откажуваат од детето и го оставиле во грижа на болницата. Кога по неколку дена се предомислиле и се вратиле да си го земат бебето им било кажано дека нивното бебе починало. Тие продолжиле со своите животи, но неколку години подоцна вистината излегла на виделина, поради бизарна случајност.
По административна грешка, бил испратен службеник да побара од парот да плати 3.000 евра за трошоците направени за грижа на детето во сиропиталиштето. Бидејќи родителите не биле дома, судскиот извршител ја блокирал банкарската сметка на мајката.
Следниот ден, жената се појавила на рецепцијата на Волгоградската администрација на Службата за федерални извршители за да дознае зошто таа не може да пристапи кон нејзините пари. Кога службениците и ги прикажале документите од домот за сирачиња, мајката се онесвестила.
Портпаролот на службата за извршители изјавил: „Стана е јасно дека брачната двојка беше уверена за сето ова време дека детето е мртво. Родителите, неочекувано свесни за ‘воскреснувањето’ на своето бебе, веднаш апелираа до судот за враќање на родителските права.“
Правдата победила и детето било законски обединето со своите родители, на почетокот на годината. Службата за извршители изјави дека тоа е „вистинска, неверојатна приказна со среќен крај“. Не е познато дали двојката има намера да продолжи со судска постапка против болницата.