Во минатото еднаш живеела една преубава ќерка на еден владател. Дошло време за нејзино мажење, но на девојката никој не и се допаѓал, ниту синови на кралеви, ниту везири, ниту богати трговци. Девојката на сите им наоѓала мани и ги одбивала.

Во истата земја живеел еден згоден, но сиромашен млад дечко кој собрал храброст и ја запросил девојката. Се разбира и него го одбила. Овој младич, отишол да работи во друга земја, па станал богат.

После неколку години се вратил во својата земја. Кога се вратил, посакал да ја види девојката која го одбила. Се распрашал за неа и дознал каде живее, па отишол до нејзината куќа. Кога се приближувал до куќата, вратата се отворила и излегол еден грд човек. Кога човекот заминал, младичот затропал на вратата. Му отворила некогашната преубава девојка.

Кога му станало јасно дека човекот што излегол бил нејзиниот маж, младичот сакал да дознае зошто се омажила за толку грд човек. Девојката го зела со себе, го одведела во убавата градина покрај куќата и му рекла:
– Сега ќе го дознаеш одговорот. Најди ми ја најубавата роза во оваа градина и донеси ми ја. Но има еден услов: додека одиш напред, не смееш да се враќаш назад.

Младичот тргнал. Штом ќе помислел дека ја нашол најубавата роза, ќе видел друга, поубава. Ќе ја пружел раката кон неа, ќе видел трета уште поубава. Таман да ја дофати, здогледувал нова и така продолжувал понатаму. Така дошол до крајот на градината, а назад не смеел да се враќа! На крајот на градината останала само уште една овената и грда роза. Без надеж, ја скинал таа роза и ја однел кај девојката. Кога девојката ја видела овенатата роза во рацете на младичот, му рекла:
– Сега сфати зошто сум го избрала овој човек.

Никогаш немојте да барате совршена личност за да се заљубите, секој си има свои добри и лоши страни, што не значи дека лошите нема да се поправат.

 

Сподели на Facebook
пати видено