Еден богат и влијателен човек подготвувал голема прослава по повод неговиот роденден. И додека го прегледувал списокот на поканети, одеднаш од некаде се појавила прекрасна и исклучително шармантна жена.
„Која сте Вие?“, прашал тој, погоден од нејзината убавина и нејзиното невообичаено харизматично присуство.
„Моето име е Љубов“, одговори непознатата со топол глас и нежно се насмевна.
Домаќинот не можел да ги тргне очите од неа и се чудел како да ја задржи подолго. Се чинело како жената ја исполнувала собата со нејзиното необично присуство, и тој се чувствувал особено спокоен и мирен. Во тој момент, погледнал во листата на гости, која ја држел во раце и дошол до една идеја.
„Вечерва, ќе има голема забава во мојот дом. И многу би сакал да Ве поканам. Ве молам, бидете мој специјален гостин.“, ѝ рекол тој.
„О, Ви благодарам за љубезната покана, но морам да Ви кажам дека никогаш не сум сама. Имам многу пријатели кои се секогаш до мене. Значи, ако не Ви пречи да дојдат и тие со задоволство ќе бидам Ваш гостин.“, одговорила Љубовта.
„Се разбира дека не ми пречи. Има многу простор за сите во мојата куќа и ми е драго што ќе ги запознаам Вашите пријатели.“, одговорил домаќинот.
Вечерта почнале да доаѓаат гостите, а домаќинот постојано ја барал Љубовта помеѓу нив. Но, неа ја немало. Во еден момент тој забележал на вратата неколку луѓе што за прв пат ги гледал во животот. Тие имале беден изглед, биле облечени во искината, стара облека, а некои изгледале болни и се движеле тешко. Кога батлерот почнал да ги испраќа, богаташот веднаш сфатил дека ова би можело да бидат пријателите за кои мистериозната зборувала и им наредил да седнат на масата.
Вечерата започнала, но Љубовта не дошла. Но, домаќинот ја почувствувал нејзината присутност, го обземал истиот мир и спокој, кој го почувствувал во текот на денот. Сите негови стравови и грижи исчезнале, а неговото срце било исполнето со чувство на спокој и добрина.
И во еден момент го слушнал познатиот топол глас: „Дали се чувствувате добро со мене?“
„Тешко е да се опише. Иако јас не Ве гледам, го чувствувам Вашето присуство и ме исполнува со бескрајна топлина и неопислива среќа. Никогаш во мојот живот не сум се чувствувал толку опуштено и среќно. Мојата душа е полна со светлина, го гледам значењето на работите за кои претходно не размислував …“, одговорил домаќинот.
„Додека се грижите за моите пријатели, додека не одбивате да им помогнете на сиромашните и болните, јас секогаш ќе бидам со Вас и секогаш ќе се чувствувате така.“, рекла Љубовта.
„Но зошто не можам да Ве видам Љубов?“, прашал домаќинот.
„Бидејќи се преселив во Вашето срце“, одговорила Љубовта.