Јужносудански плејбој е изложен за неговиот екстравагантен стил на живот со приватни авиони, луксузни хотели патувања во прва класа. Сето тоа е наведено во антикорупциската истрага поддржана од Џорџ Клуни. Но, Лоренс Луал Малонг Јор Помладиот продолжува да се расфрла и фали со своето богатство по социјалните медиуми и покрај тоа што јавно бил критикуван.
Во вторник, два дена по објавувањето на досието на Клуни, 28-годишниот Луал објавил слика со себеси пред мало летало, со коментар: „Приватниот авион на младиот тајкун.“ Луал е посинок на генерал Пол МАлонг, офицер во армијата на Јужен Судан кој е обвинет за соучесништво во бројни злосторства извршени за време на крвавата двегодишна граѓанска војна.
Со само средно училиште, без никаква диплома ниту пак искуство во бизнис светот, владата на Луал му доверила привлекување инвеститори за досега во голема мера неискористените златни, дијамантски и нафтени ресурси. Тој вели дека сака да создаде работни места за луѓето конечно да го положат оружјето и дека неговата работа да патува низ светот и да се слика среде сиот раскош нема никаква врска со позицијата на неговиот очув, ниту со блиските врски со Салва Киир, претседателот на Јужен Судан.
„Тоа нема никаква врска, јас сум нормален бизнисмен“, вели тој. „Не го користам името Малонг, тоа нема никакво влијание. Благословен сум да ги имам сите овие можности, бидејќи немам конкуренција во Јужен Судан. Можете да добиете концесии на злато и дијаманти бидејќи никој нема да се натпреварува со вас. Има многу можности.“
Вели дека има амбиција еден ден да стане претседател на Јужен Судан, кој во 2011 година доби независност од Судан и набргу беше вовлечен во конфликт.
„Не сакам да сум богат човек. Сѐ што сакам е да им помагам на луѓето. Јас сум млад човек и можам да користам медиум како Фејсбук за да се здобијам со популарност. И ти можеш да бидеш како мене. Тоа не е поради претседателот или поради мојот очув. Јас сум благословен од Исус Христос“, тврди тој.
Луал вели дека сликите кои ги објавува на Фејсбук, во кои се глед акако се нурка во џакузи и ужива во масажи во претседателски апартман во Лас Вегас, патува во прва класа и игра голф во ексклузивни одмаралишта, облечен во скапа облека и носејќи златни часовници, сето тоа било со цел да ги поттикне младите Суданци да го остават оружјето и да се стремат кон нешто повисоко.
Но, извештајот на Џорџ Клуни го тврди токму спротивното, дека Луал ги користи врските на неговиот очув за да живее луксузен живот далеку од конфликтите кои ја растргнуваат неговата земја.