Социјалните медиуми можат да бидат моќна алатка кога станува збор за ширење на зборот за важни работи, без разлика дали станува збор за собирање средства за добротворни цели или потрага по исчезнато милениче.
Па така кога Софи Џонсон објавила на Фејсбук дека нејзиниот мачор Лентил исчезнал и ги замолила луѓето доколку го видат да ја известат, Лорен Фолкнер и нејзиното момче Чарли Алан решиле да ѝ помогнат.
Софи добила дојава дека мачор кој наликува на Лентил се шета во Престонпанс, Единбург, но таа не била во можност да стигне таму и да провери самата. Затоа Лорен и Чарли решиле да ѝ направат услуга и да ја побараат мачката во околина. По кратко барање го пронашле мачорот и пресреќни ја известиле Софи, а потоа и се фотографирале со него.
Софи била пресреќна и едвај чекала да си го види миленикот. Но, кога парот тргнал да си оди со мачорот една од сосетките излегла да ги запре. Тие првин не знаеле што се случува, но жената ги прашала зошто ја киднапираат мачката. Лорен и Чарли се збуниле, а жената им кажала дека таа мачка е на сосетката и дека живее тука со години.
Тие сакале да ѝ се извинат на сопственичката, но никој не им отворил. Подоцна истата ги обвинила на Фејсбук дека намерно сакале да ѝ ја киднапираат мачката, по што Лорен и Чарли се навредиле, затоа што сакајќи да направат добро дело испаднале виновници. За жал мачорот Лентил сѐ уште не е пронајден.