Марк Закерберг кренал 2-метарски камен ѕид околу неговото одморалиште на Хаваи вредно 100 милиони долари, со што ги разгневил локалните жители бидејќи им го блокирал погледот кон океанот. Милијардерот-шеф на Фејбук започнал изградба на голем камен ѕид околу неговиот имот крај пат во рурална средина на Хаваи.
Но, некои од неговите соседи не се баш најсреќни со овој негов потфат. Пензионерот Моку Крејн вели дека ѕидот изгледа мрачно и забранувачки. Крејн се надева и очекува дека Закерберг ќе го ублажи студениот изглед на ѕидот засадувајќи растенија околу него.
„Порано кога возевме по патот можевме да го видиме океанот, а сега овој имот ни го попречува погледот“, вели Крејн. „Мислам дека на тоа се должат негодувањата. Никој не сака промени.“
Линдзи Ендрјуз, портпарол на Закерберг изјавила дека ѕидот се гради со цел да се намали бучавата од сообраќајот. „Такви ѕидови постојано се градат за таа намена. Ѕидот ги запазува сите правила и регулативи“, додава таа.