Во големите поплави предизвикани од силното невреме кое ја погодило кинеската покраина Хебеи настрадале околу 130 луѓе, а уште 110 од нив се сметаат за исчезнати. Меѓу семејствата кои ги погодила поплавата било и семејството на Гао Фенгшуо когошто сопругата го пробудила да се евакуираат кога состојбата со кревањето на нивото на водата се влошила. Гао во таа куќа живеел со сопругата, двете деца и таткото.
Но, место да побегне со семејството на сигурно, 39-годишникот ги оставил во куќата и заминал во соседното село – за да ја спаси својата мајка. Тоа му успеало, но поради надојдената вода, веќе не можел да се врати на своето семејство. Кога по неколку часови водата малку се повлекла, се вратил назад дома. За среќа, неговата сопруга, двете деца од две и четири години и неговиот татко се наоѓале на сигурно, бидејќи успеале да се качат на покривот.
Иако на крајот сѐ завршило среќно, сопругата со која Гао бил во брак пет години, силно му замерила што нив ги оставил и заминал да ја спасува својата мајка. Таа овој негов потег го сфатила како предавство, па затоа го оставила и се вратила да живее со нејзините родители во покраината Шандонг. Наводно по неа тргнал и Гао, молејќи за прошка.