Принципот на основен месечен приход е честопати истражуван од модерните научници, за тоа каде може да го однесе општетсвото.
Всушност се состои од тоа државата да им дава на жителите одреден износ на неповратни средства, без да имаат обврска да ги вратат или да ги надоместат со нешто, со надеж дека тоа ќе ги мотивира луѓето и ќе ја покрене економијата.
Едно такво место е градот Стоктон во американската сојузна држава Калифорнија каде што неодамна почна експериментална програма за основен приход. Концептот е едноставен: 130 жители ќе добиваат месечни примања, без обврски, во период од 18 месеци. Првата исплата била во февруари.
Кога ќе заврши експериментот, градските власти ќе истражуваат како луѓето ги потрошиле парите и како им се промениле животите. Градот на секој учесник секој месец му плаќа по 500 долари. Градоначалникот Мајкл Табс истакнува дека потегот може да обезбеди сигурност за луѓето што се борат да преживеат од ден за ден или работат на неколку работни места.
„Знам како е да бидеш гладен или да гледаш како мајка ти се мачи. Сите во моето соседство секогаш беа надвор и си играа бидејќи нивните родители работеа. Тие не беа дома чекајќи владата да ги спаси.“, вели градоначалникот Мајкл Табс.
Податоците од експериментот нема да бидат достапни неколку години и организаторите ќе работат тајно. Но, во следните неколку месеци се очекува некои учесници да ги споделат своите приказни за тоа како ги користат парите и какво значење имаат тие за нив.