Бездомник „копал“ во контејнерите во близина на маркет во Калифорнија, тој внатре пронашол нешто неочекувано. Во контејнерот во кеса, биле ставени 7 мали кученца и сите биле пред смрт. Човекот ги извадил, ги ставил на видно место пред продавницата и му ги посочил на еден од минувачите.
Потоа тој ги внесол во продавницата, каде што продавачите решиле веднаш да им помогнат на кутрите животни. 23-годишната Џези Еспино била една од нив.
„Тие можеа толку лесно да умрат, беше премногу топло тој ден. Поминале најмалку 30 минути во таа кеса. Дојде купувач и рече дека има неколку кученца надвор. Ние ги ставивме во кутија и потоа ги донесовме. Кучињата беа навистина мокри и испотени, бидејќи беше многу жешко. Плачеа и ни гризеа прстите, бидејќи беа многу гладни.“, вели таа.
Тие веднаш се јавиле во засолништето за животни, а во меѓувреме вработените купиле млеко за кучињата и ги нахраниле. Кученцата биле однесени и прегледани од ветеринар и сега се во засолништето.
Вработените во продавницата веднаш ги провериле безбедносните камери и на нив можело да се види како жена која пристигнала во возило Jeep, околу 13 часот ги фрла кученцата, во врзана кеса, во контејнерот и си заминува.
По 20 минути до контејнерот доаѓа бездомникот кој почнал набрзина да пребарува откако најверојатно ги слушнал кученцата. Вработените во продавнцата велат дека кученцата не би биле живи доколку не бил непознатиот бездомник. Затоа тие сега бараат било какви информации за него од граѓаните за да му се заблагодарат за хуманоста.
Суровата жена која ги фрлила кученцата била идентификувана како 54-годишната Дебра Су и таа била уапсена во нејзиниот дом. Таа се соочува со 7 точки за суровост кон животните.